X
 23.09.2021 Наша тема

Мажите се посреќни од жените во Македонија - покажува првото истражување за среќа

Поголемата плата нема големо влијание врз целокупната среќа. Колку е понесреќна една личност, толку е потешко да разговара за своето ментално здравје. 30 отсто од луѓето што се опишаа како несреќни не разговараат со никој кога се чувствуваат лошо, покажало истражувањето на проф. д-р Софија Георгиевска и доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска

Едно од десет лица во Македонија се опишува како многу среќно, за разлика од 6 на 10 лица во светот според последниот Светски извештај за среќа, покажува истражувањето што го спровеле проф. д-р Софија Георгиевска и доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска во текот на 2000/2021 година. Во време на пандемија, кога е значително зголемен бројот на луѓе што се соочуваат со симптоми на нарушено психо-физичко здравје, професорките истражиле колкав процент од населението се чувствуваат среќни.

Ова е прво вакво истражување спроведено во Македонија, на примерок од 1.005 лица на возраст до 15 до 68 години. Просечната возраст на примерокот е 32 години. Поголем дел од испитаниците се од женски пол – 84,5 отсто наспроти 15,5 отсто машки.

Чувството дека животот има смисла – клучна причина за среќа

Четириесет и пет проценти од анкетираните рекле дека нивната лична безбедност и сигурност во голема мера придонесуваат за нивото на нивната среќа, додека 43 отсто изјавиле дека чувството на контрола над нивниот живот е многу важно за среќа. Простувањето некому за нешто што направил, личната безбедност и сигурност, здравјето и физичката благосостојба претставуваат најголеми извори за среќа кај повозрасните, додека наоѓањето некој со кого би ги споделувале важните работи во живот претставува најголема причина за среќа кај помладите испитаници.


Доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска и проф. д-р Софија Георгиевска

- Само 46 отсто од лицата во ова истражување се среќни, за разлика од 76 отсто од граѓаните на Финска, која е проценета како најсреќна земја во светот во последното истражување на „Галуп“. Ова се резултатите од најголемото истражување за среќа во нашата земја, кое покажува дека среќата во голема мера е пониска во споредба со другите европски земји. Во изминатата и оваа година, кога јавното здравје беше на прво место кај луѓето низ целиот свет, 55 отсто од испитаниците изјавија дека нивната најголема среќа доаѓа од нивното здравје и физичка благосостојба. Дополнително, околу 49 отсто од испитаниците ја наведоа својата врска/релација со партнерот или сопругот како извор на најголема среќа, при што речиси ист процент велат дека таа потекнува од нивните деца. Чувството дека нивниот живот има смисла, исто така, се смета за исклучително важно, при што 48 отсто го наведоа тоа како клучна причина за среќа, а 45 отсто укажаа на нивните услови за живот – вели професорката Софија Георгиевска.

Дури 31 отсто велат дека не се многу среќни

Податоците од ова истражување покажуваат дека еден од десет испитаници се изјаснил дека е „многу среќен“, додека повеќе од половина (52 отсто) се проценуваат како прилично среќни. На другиот крај од скалата, 31 отсто велат дека не се многу среќни, а 6 отсто рекле дека воопшто не се среќни.

- Ако направиме пресек, ќе забележиме дека 46 отсто од луѓето во Македонија се среќни, а 20 отсто се несреќни. Иако е добро да се види дека има повеќе среќни отколку несреќни луѓе, ние бевме заинтересирани да откриеме зошто луѓето се чувствуваат онака како што се чувствуваат. Интересно е дека повеќе од половина од мажите што ги анкетиравме (51 отсто) беа или „среќни“ или „многу среќни“, во споредба со само 42 отсто од жените. Сепак, на другиот крај од скалата откривме дека има многу малку разлика помеѓу бројот на мажи и жени што се опишале себеси како „несреќни“ или „многу несреќни“. Нашите резултати покажуваат дека 21 отсто од мажите и 20 отсто од жените се сместиле во овие категории – вели Денкова-Зафировска.

Жените попрво би побарале помош

Мошне важен податок, според професорките, е дека 92 отсто од жените ќе побараат помош доколку се чувствуваат лошо, а само 76 отсто од мажите би се чувствувале удобно да го направат тоа.



Дали парите ве прават среќни?

Една четвртина од испитаниците рекле дека парите имаат врска со нивната среќа. Едни сакаат да имаат повеќе, за други, имањето доволно финансии ќе им го подобри расположението.

- Вклучени релевантни варијабли во ова истражување беа и „помал долг“ и „поголема финансиска стабилност во животот“. Откривме дека поголемата плата нема големо влијание врз целокупната среќа. Во однос на релациите и врските, често слушаме како луѓето велат дека нивните пријатели и семејството се најважен дел од нивниот живот. Но, колкаво влијание навистина имаат вашите сакани врз вашата среќа? Прво, видовме дека е многу поверојатно луѓето да разговараат со некој што го знаат за нивното здравје отколку да посетат лекар. 75 отсто од луѓето би му се довериле на партнерот, пријател, член на семејството или на колега од работата, додека само 5 отсто би се чувствувале удобно да разговараат со професионалец. Меѓутоа, видовме дека колку е понесреќна една личност, толку е потешко да разговара за своето ментално здравје. 30 отсто од луѓето што се опишаа како несреќни ни рекоа дека не разговараат со никого ако се чувствуваат лошо – вели Софија Георгиевска.
Важни се физичката активност и пријателите

Поминувањето време со пријателите е еден од најдобрите начини за опуштање и намалување на стресот, а нашите резултати посочуваат дека тоа навистина е така, додава Денкова-Зафировска.

- 65 отсто од луѓето што се опишуваат како „среќни“ ги виделе своите пријатели барем еднаш неделно, додека само половина од „несреќните“ ги гледаат често своите пријатели. 55 отсто од луѓето што ги гледаат своите пријатели секој ден се среќни, додека ова е случај само со 25 отсто од оние што тврдат дека „никогаш“ не ги гледаат своите пријатели. Знаеме дека вежбањето го поттикнува мозокот да ослободува ендорфин, често познат како „хормон на среќата“, па затоа би очекувале дека луѓето што се редовно активни се посреќни. Можеме да видиме дека тоа е случај и во нашето истражување – односно 52 отсто од луѓето што вежбаат 2 пати неделно се среќни, наспроти 17 отсто што се несреќни. 63 отсто од луѓето што тврдат дека се придржуваат до здрава исхрана се проценуваат себеси како среќни, наспроти 26 отсто од луѓето што мислат дека нивната исхрана е нездрава и велат дека се среќни. Дополнително, 36 отсто од оние со нездрава исхрана се всушност несреќни – додава Денкова-Зафировска.
Луѓето ја маскираат својата состојба велејќи дека се среќни

Впечатокот на Денкова-Зафировска е дека луѓето ја маскираат својата состојба велејќи дека се среќни.

- Во време на пандемија, кога тројно е зголемен бројот на луѓе што се соочуваат со некој симптом на нарушено психо-физичко здравје, навистина е алармантен податокот дека тие ја маскираат својата состојба велејќи дека се среќни. Излегува дека не е добро некој да каже дека е несреќен. Луѓето имаат потреба да се прикажат како среќни, а не се – смета Денкова-Зафировска.

Мажите се посреќни од жените

Врз основа на наодите, постојат голем број обрасци и начини на живот кои треба да ги усвоиме и негуваме за да ја подобриме својата среќа. Од истражувањето може да се заклучи дека парите не се клучот за среќата, дека луѓето почесто се чувствуваат среќни кога јадат здрава храна, дека ако уживате во работата ќе бидете посреќни, како и дека 6-9 часа сон го подобруваат расположението. Освен тоа, мажите се посреќни од жените, но жените почесто бараат помош за нивното ментално здравје, доколку им е потребна. Луѓето што вежбаат се посреќни и поверојатно е да вежбате ако сте со група луѓе.

Професорките нагласуваат: - Без разлика дали станува збор за промена на вашата работа, повеќе сон, убедување на пријател да трча со вас или дури само барање помош за вашето ментално здравје, можно е да го промените вашиот живот на подобро и да се чувствувате посреќни.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема