Четврта година по ред, на најголемиот фестивал за независен филм во САД, „Санденс“, присутен е проект што е финансиран од Агенцијата за филм на Македонија. Овој пат тоа беше филмот „Улиште“, кој е во малцинска копродукција на македонскиот продуцент „Црна мачка продукција“, а кој ги освои најзначајните награди на „Санденс“, награда за најдобар филм, најдобра режија и награда од публиката.
Малцинските копродукции стануваат клучен фактор за освојување на светската кинематографија токму преку вакви соработки кои се препознавани од националните агенции за филм. Филмот „Улиште“ на косовската режисерка Блерта Башоли, каде што Македонија се јавува како земја-копродуцент со поддршка од Агенцијата за филм во 2018 година, е всушност копродукција помеѓу Косово, Македонија, Швајцарија и Албанија.
На „Санденс“ во изминатите години бевме присутни преку филмовите: „Види ја ти неа“ на Горан Столевски во 2018 година (награда за најдобар интернационален игран филм во категорија на кратки филмови), „Медена земја“ во 2019 година (големата награда на жирито, најдобар документарен филм и награда за најдобра кинематографија) и во 2020 со „Налепница“ на Георги Унковски, каде што филмот ја имаше својата светска премиера.