X
 12.01.2021 Култура

„Санденс“ годинава виртуелно ќе ги однесе посетителите во вселената

Филмскиот фестивал „Санденс“ месецов ќе им понуди шанса на обожавателите да учествуваат во симулација во која ќе гледаат филмови од вселената.

Со децении филмскиот фестивал бил одржуван во Јута, САД, но годинава тој ќе има поинаков формат поради пандемијата. Фестивалот ќе биде одржан виртуелно, а со помош на компанијата за дигитални искуства „Актив Тиори“ оваа година ќе понуди виртуелни искуства за љубителите на филмот.

Во симулацијата на „Санденс“ гледачите ќе може да одберат аватар и да се движат во виртуелниот свет. Симулацијата ќе биде достапна преку обичен интернет-прелистувач, а оние што сакаат пореалистично искуство може да користат очила за виртуелна реалност.


Фото: Pixabay

Симулацијата ќе вклучува и филмски забави со ограничен број гледачи, кино со кое се добива чувство дека се гледа филм во кино и галерија во која ќе има уметничка изложба. Програмата ќе вклучува и други виртуелни искуства, на пример, симулација на бар во Амстердам или караоке-бар.

Вселенското виртуелно искуство ќе биде активно за време на филмскиот фестивал, кој почнува на 28 јануари. Билетите за еден филм чинат 15 долари, а најевтините билети што нудат пристап до виртуелните искуства чинат 25 долари. Цената на билетите за сите виртуелни искуства и филмски премиери изнесува 350 долари.

Автор: Џоун И. Солсмен
Извор: cnet.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура