По триумфот на престижниот филмски фестивал „Санденс“, македонскиот документарец „Медена земја“ ќе се прикажува во кината во Северна Америка, како и на фестивалот „Македокс“ во Скопје. На прес-конференцијата што се одржа денеска тимот на „Медена земја“ соопшти дека филмот ќе има и две затворени проекции на 12 и 13 март во скопското кино „Милениум“.
„Медена земја“, застапуван од „Сабмарин ентертеинмент“, деновиве потпиша договор со американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“, која ги откупи правата за прикажување на македонскиот филм во САД. Оваа компанија најави дека остварувањето ќе се прикаже во 15 града, вклучувајќи ги и Њујорк, Лос Анџелес и Сан Франциско.
Екипата на филмот „Медена земја“
За пошироката јавност ќе биде прикажан на претстојниот Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“, кој се одржува во август.
„Медена земја“, кој е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, на престижниот филмски фестивал „Санденс“ во Парк Сити, Јута, САД ja доби големата награда на жирито за најдобар документарен филм.
- Трите награди добиени на „Санденс“ беа потврда за три жестоки дебати што најчесто се водат на тема филм во мојата земја: прво, дали голем филм може да се направи со мала екипа? Дефинитивно, да. Второ, дали филмот во Македонија и пошироко има некаква светла перспектива? Дефинитивно, да. И трето, дали филмот може да ги смени животите на обичните луѓе? Дефинитивно, да - рече Котевска.
„Медена земја“ започна како мала идеја, која нашиот мал тим со тешка и упорна работа од повеќе од три години ја доведе до тоа што денес го прославуваме ‒ три награди на еден од најпрестижните фестивали на светот. Ова ми е само потврда дека на идеите, колку и да изгледаат неверојатни, треба да им се даде шанса, и што е најважно ‒ да се преземе ризик - посочи Стефанов.
Снимателите Фејми Даут и Самир Љума беа наградени за најдобра кинематографија.
- Да се учествува на ваков голем фестивал, најголем на светот за независен филм, е искуство како ниту едно друго. За мене претставува почеток на ново професионално поглавје во кариерата. Драго ми е и не можам да кажам дека не ме радува фактот што 20-ина години вложен труд конечно беше награден со една ваква престижна награда, и тоа од луѓе кои не беа инхибирани од нашиов македонски микрокосмос. За жал, овие работи како, на пример, да се препознае вложениот труд, тука во Македонија, се базираат на квантитативни вредности, а не на квалитет. За мене, оваа награда, како посветен филмски работник - само ме поттикнува да работам уште попосветено. Сепак, светот ја виде мојата работа и ме награди за тоа. Иднината е таму каде што ме препознаваат, во интернационални ангажмани ‒ рече Фејми Даут.
Наградите на престижниот фестивал за независен филм „Санденс“ што ги освои филмот „Медена земја“ се нешто што секој филмски работник потајно си ги посакува, вели Љума.
- Најзначајна за мене како снимател е токму специјалната награда од жирито за кинематографија, која нѐ става на пиедесталот, рамо до рамо со врвни кинематографии од светот. Искрено, се надевам дека оваа награда ќе ни овозможи пред сѐ повеќе работа, како во нашата држава така и на меѓународни проекти ‒ изјави Самир Љума.
Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена.
- Кога тргнувавме на „Санденс“, знаевме дека со нас носиме нешто големо, и токму поради тоа како да знаевме дека овој филм ќе донесе награда, но не очекувавме дека ќе се вратиме со три, меѓу кои и главната награда. За мене, „Санденс“ е мост за две релации ‒ глобална и индивидуална. Глобалната значи дека по овој фестивал имаме можност да нѐ види и слушне светот, да ни ја слушне маката, а ако имаме среќа, може и нешто ќе се смени или барем ќе се помрдне. Индивидуалната значи нови контакти, нови проекти, нова комуникација со врвни уметници од светот. Со „Санденс“ почна една приказна на која можеби не ѝ се гледа крајот - истакна Атанас Георгиев, продуцент и монтажер на филмот.
Првпат во историјата на „Санденс“ еден документарен филм е награден со три признанија. Ова е и првпат македонски долгометражен документарец, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција и да освои награди на овој фестивал, и токму поради ова е од големо значење за македонската кинематографија.
Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.
„Медена земја“ раскажува приказна за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која се обидува да ги спаси пчелите и природниот баланс во природата, кога семејството на номадски пчелари се населува на нејзината земја и ѝ ја загрозува егзистенцијата.
На својата официјална веб-страница honeyland.earth започна со добротворна кампања за поддршка и помош на протагонистите во документарецот. Со секоја нарачана тегла мед добиен на одржлив начин ќе се донираат средства што ќе се искористат за подобрување на условите за живот, пред сѐ, на децата што се појавуваат во филмот, а доколку има можност и на другите личности, па дури и на целата средина што ги опкружува и во која живеат.