X
 17.02.2021 Наша тема

Томи Салковски, продуцент и на наградуваниот „Улиште“: Имаме капацитет за создавање филмски дела по светски вкус

Светла и позитивна, ваква иднина му посакува на македонскиот филм продуцентот и кинематографер Томи Салковски, кој додава дека на сцена се дојдени нови, свежи филмски автори, кои се тотално ослободени од балканскиот или источноевропскиот филмски манир, кои работат искрено и агресивно и раскажуваат приказни што се блиски до публиката и лесни за гледање на сите страни на светот.

Последниот Ваш успех како продуцент е неколкукратната победа на косовско-македонската копродукција „Улиште“ на „Санденс“, каде што филмот освои дури три награди: за најдобар филм, најдобра режија и награда од публиката. Како се чувствувате кога Ваш филм ќе достигне ваков неверојатен успех?

- „Улиште“ е првиот игран филм што ги има добиено трите најпрестижни награди на реномираниот фестивал за независни филмови „Санденс“. Ова е од голема важност за нас, но од уште поголема за македонската кинематографија, особено што „Улиште“ е филм финансиран со средства наменети за проекти од национален интерес. Со овие три награди демонстрираме дека како земја имаме одлични тимови и капацитети да реализираме филмски продукти што се на ниво и по стандарди на европските и светските филмски достигнувања. „Улиште“ претставува само уште еден доказ дека внимателно и постепено ја трасираме патеката на домашната филмска индустрија кон светската критика. Накратко, овогодишниот „Санденс“ ја покажа важноста на независните филмови со домашен потпис. Секако, личното задоволство е големо, а наградите се потврда дека вложениот труд и работа секогаш се исплати.


Томи Салковски

Како препознавате дека вреди да се учествува како продуцент во еден филм. Еве, може да објасните на примерот на косовскиот филм?

- Одговорот на ова прашање е доста комплексен. Кога читам интервјуа од познати светски филмски продуценти и режисери, сите различно ја дефинираат формулата за успех на едно филмско дело. Генерално, врз одлуката за учество во креирањето финален филмски продукт влијаат многу фактори, а секој поаѓа од различни аспекти на иницијалното дело. Значи, нема унифицирана формула за успех и едно нешто е важно – филмските дела се резултат на посветената работа и синергијата на тимот. Во мојот случај, ако треба нешто да издвојам како појдовна точка за да почнам да работам на еден филмски проект, тоа се потенцијалот на сценариото и посветеноста на режисерот. Во мојата досегашна практика ова се покажало како добра стартна позиција од која почнувам да ја градам целосната приказна.

Дали малцинските копродукции стануваат клучен фактор за освојување на светската кинематографија?

- Апсолутно да. Малцинските копродукции се европски модел за продукција на филмови, особено за малите кинематографии, какви што сме сите ние во регионот. Поголемите филмски сили како Франција, Велика Британија, Шпанија, Германија, Турција и Русија може да си дозволат да функционираат и по други принципи од повеќе причини. За малите кинематографии, малцинските копродукции се можеби ретка и единствена можност да се дојде до сериозно остварување на филм во сите етапи: подготовка, продукција, постпродукција како и меѓународен пласман на филмот. Тука сакам да потенцирам дека од голема важност е кога седите на маса со продуценти што претставуваат финансии од други држави, да имате јасен и недвосмислен став со кој ќе биде застапен интересот на Агенцијата за филм на Македонија, кој е всушност и најголемиот финансиер на филмски проекти во нашата држава. Знаете, секоја копродукција значи и претставување на македонската култура и општество на ниво на амбасадори.

Минатиот месец и филмот „Хомо“ на Игор Иванов-Изи беше селектиран за светска премиера на Интернационалниот филмски фестивал „Гоа“ во Индија. Колку сте горд на овој филм, со оглед на тоа што се работи за домашен филмски продукт?



Сцена од филмот „Хомо“

- На почеток, дозволете да потенцирам дека Игор Иванов-Изи е еден од најквалитетните домашни режисери со кого секогаш ми претставува задоволство да соработувам. „Хомо“ (Човек) е еден од филмовите што современата филмска естетика ги означува како „њу ејџ“ и затоа можам слободно да речам дека овој долгометражен игран филм е најзрелото дело на режисерот Иванов. Го носи духот на постиндустриската кинематографија, ослободен од потребата за монументалност и потпишан со безвременост. Интернационалниот филмски фестивал „Гоа“ е годишен фестивал од А-категорија, најстар од ваков тип во Азија и еден од најзначајните филмски фестивали на тој континент. Оваа година фестивалот одбележува 51 година постоење, а филмот „Хомо“ беше прикажан во рамките на главната фестивалска секција „Светска панорама“. Од пријавените 1.000 филмски, за секцијата „Светска панорама“ се одбрани 50 филма од целиот свет, по неколку критериуми. Да се биде дел од ваква селекција и да се учествува во ваква конкуренција, е доказ и афирмација дека имаме капацитет за создавање филмски дела по светски вкус, кои ја претставуваат нашата земја насекаде во светот.

Сте работеле на сите досегашни филмови на режисерот Игор Иванов, дали се чувствувате покомотно кога работите со позната екипа или повеќе адреналин има кога влегувате во проект со нови автори?

- Со Игор Иванов-Изи соработуваме веќе 20 години на најразлични проекти и на различни нивоа. Познанството и минатиот труд ја олеснуваат комуникацијата во подготвителните процеси на продукција на филмот. Но, кога ќе се почне со продукција, тогаш филмот ги диктира потребите и проблемите, а ние сме тука само да „служиме“ во процесот на создавање финален продукт. Значи, кога ќе почне да работи „филмската машина“, повеќе не станува збор за комфорност и комотност. Напротив, важно е да се предизвикате себеси и сите ваши соработници, на сите нивоа, да се вложите максимално и посветено, затоа што тоа е единствената формула за едно сработено дело да доживее успех. А адреналинот, да, секако е присутен, кај секого индивидуално и во поинаква форма. А мојот е секогаш на највисоко ниво кога работам на филм.


Игор Иванов-Изи и Томи Салковски

Новиот македонски игран филм „Мими“ со потпис на режисерот Даријан Пејовски, чиј продуцент сте, се снимаше во многу ограничени пандемски услови. Колку сте задоволни од тоа како помина снимањето и каков ќе биде патот на овој филм?

– Филмот „Мими“ го снимавме во октомври и ноември 2020 година. На почетокот сите навлеговме доста оптимистички во целиот процес. Изготвивме специјални протоколи за работа, адаптиравме дел од сцените, согласно протоколите, и започнавме со снимање кога државата броеше педесетина корона-случаи на ден. Како минуваа деновите, бројот на заболени растеше, со што растеше и тензијата во филмската екипа. Даријан Пејовски е исклучително талентиран и посветен режисер со кого уживам да соработувам. Како автор, значајни му се сите детали и елементи што го сочинуваат филмот. Вклучен е во сите процеси на сите сектори, каде што сака и настојува да има супер контрола. Можеби ова беше најкомплексниот дел од процесот, но сакам да ја истакнам мојата благодарност до целата филмска екипа и сите други чинители на овој филм за посветената креативна енергија во процесот на создавање на овој филм. „Мими“ е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Ја запознава eкстровертната Сара - млада мајка што навидум има сѐ што на Мими ѝ недостига. Меѓу нив се раѓа пријателство што бргу преоѓа во опсесија. „Мими“ е филм за површноста и лажните фасади што ги покажуваме пред другите.

Колку пандемијата се одрази врз работата на филмските работници кај нас?

- Пандемијата му нанесе голем удар на филмот во целиот свет. Повеќе од половина година сите филмски студија, продукции, киносали и филмски фондови беа затворени. Се пролонгираа сите рокови, за есента најхрабрите да почнат доста претпазливо да работат. Дел од нив ги завршија своите проекти, а дел ги прекинаа и ги одложија за напролет, чекајќи подобри времиња.
Да, оваа ситуација е еден голем предизвик и тест за сите нас, вклучително и за луѓето од филмската индустрија. Во „Скопје филм студио“ се адаптиравме на оваа ситуација и во овој период работевме и сè уште работиме редовно, следејќи ги и имплементирајќи ги препораките за заштита на јавното здравје. Верувам дека подетален одговор на ова прашање ќе добиете по премиерата на нашиот најнов игран филм „Мими“.



Сцена од филмот „Мими“

Во Вашата филмографија, покрај нашите режисери, стојат и имиња од регионот, како: Огњен Свиличиќ, Бојан Вулетиќ, Елмир Јукиќ, Драган Бјелогрлиќ, Косара Митиќ, Висар Морина, Сергеј Станојковски... На која од овие соработки со задоволство се сеќавате?

- Знаете како велат кај нас - секоја планина си има своја тежина. Низ годините сум учел и сум се надградувал со искуствата од луѓето со кои директно сум соработувал. Сме планирале, проектирале и реализирале проекти за кои некои други биле скептици, имале сомнежи или предвидувале неуспех. А успехот се должел секогаш на искуството што го вложиле во моите проекти сите филмски професионалци што ги набројавте. Впрочем, секоја соработка и остварено филмско дело е творба зад која би требало да застане секој автор со идентична љубов како родителската за секое свое дете. Така и јас, за моите филмови.


Томи и татко му Драган Салковски

Продукцијата „Скопје филм студио“ веќе е препознатлив бренд. Како се гради име во филмската индустрија?

- На Балканот сѐ е тешко, а најтешко е да работиш во поле за кое мнозинството смета дека е апсолутно непотребно. За наша голема среќа, како филмски работници, од суштинско значење е поддршката од клучните национални институции, пред сè, од Агенцијата за филм. Синергијата помеѓу Агенцијата и продукциските куќи е многу важна алка во реализацијата на секој филмски проект. Тука, пред сѐ, мислам на односот и довербата кога се аплицира со проект што ја носи значката „национален интерес“. На ова ниво, можам со гордост да потенцирам дека „Скопје филм студио“ повеќе од 15 години одговорно се носи со довербата на Агенцијата за филм во смисла на почитување на сите обврски, правила и прописи што следуваат со финансирањето на проекти од национален интерес. Дополнително, двојно сум среќен што низ сите овие години зад мене цврсто стоеше и мојот тим на соработници, како и исклучително добри филмски автори и врвни професионалци. Без нив, нема успех и напредок.


Во која улога повеќе се чувствувате како „дома“, како кинематографер или како продуцент?

- Дипломирав, а потоа и магистрирав на Катедрата за камера на ФДУ, во класата на професор Апостол Трпески, но уште за време на студиите почнав да се занимавам со продукција на документарни и комерцијални филмови. Во тоа време тоа ми беше единствената можност креативно да се остварам. Понесен од тој занает, повеќе време и енергија посветив на продукцијата отколку зад камерата. Искрено, плановите ми беа поинакви, но едноставно животот, условите и можностите така ме водеа напред. Сепак, длабоко во себе чувствувам и сѐ уште сум убеден дека кинематографер е најблагородната и најкреативната професија во едно филмско дело.



И за крај, каква иднина му посакувате, или му предвидувате, на македонскиот филм?

- Светла и позитивна! На мое лично, но и професионално задоволство, на сцена дојдоа нови, свежи филмски автори кои се тотално ослободени од балканскиот или источноевропскиот филмски манир. Работат искрено и агресивно. Раскажуваат приказни што се блиски до публиката и лесни за гледање на сите страни на светот. Впрочем, тоа е и евидентно од успесите на македонскиот филм во изминатиов период. Речиси сите филмови што излегоа во изминативе години бележат исклучителни резултати. Искрено, се надевам дека ќе продолжиме со исто темпо и посветеност да работиме на надградување, раст и развој на македонската кинематографија.

Фото: Архива на Томи Салковски
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема