X
 04.03.2019 Економија

Дали бранот од банкноти од 100 долари е сигнал за глобална корупција?

Бројот на американските банкноти од 100 долари двојно се зголемил од финансиската криза, па сега во светот има 12 милијарди такви банкноти, покажуваат податоците од американскиот Федерален резервен систем. Експертите веруваат дека ваквиот бран би можел да се поврзе со глобалната корупција.

- Банкнотите од сто долари ги надминаа банкнотите од еден долар во циркулацијата - изјави економистот Торстен Слок од „Дојче банк“.

Експертите велат дека банкнотите со висока вредност низ историјата биле најчестиот облик на плаќање за криминалците, земајќи ги предвид анонимноста, недостигот на евиденција за трансакциите и релативната леснотија со која таквите банкноти може да се пренесуваат преку границите.

Николас Колас, коосновач на „Дата трек рисрч“, смета дека растот на бројот на банкноти од 100 долари кои се во циркулација е сигнал дека светот се потпира на нив како резерва на вредност и сѐ уште ги користи и за меѓународен криминал. Тој додава дека тоа нема никаква врска со американската економија и дека нема никаква врска со каматните стапки.

- Секако, има доволно докази да се каже дека тоа е средство за корупција, но тоа е и начин луѓето да го држат имотот надвор од финансискиот систем, иако на некој гломазен начин - вели тој.

Колас истакнува и дека бројот на банкноти од 100 долари во странство почнал да расте по Заливската војна и американската инвазија на Авганистан. Дел од стабилизацијата на регионот значеше и замена на локалните валути со нешто и тоа нешто беше американскиот долар.

- Зголемувањето на бројот на овие банкноти би можело да биде водено од глобалниот страв од негативни каматни стапки во Европа и во Јапонија, или би можело да биде средство за штедење на американските домаќинства, кои се загрижени поради новата финансиска криза, или би можело да биде водено од поголемата побарувачка од глобалната сива економија - вели Слок.

Во истражувачки документ од 2018 година се проценува дека 60 отсто од сите американски банкноти и речиси 80 отсто од сите банкноти од 100 долари сега се во странство.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија