Истражување ги открива најдобро оценетите скијачки центри во Европа, а на листата се најде и зимски туристички центар од Македонија.
Студијата на осигурителната компанија за зимски спортови „Спортсковер директ“ анализирала различни метрики од „skiresort.info“, вклучувајќи дневна цена на картата за скијање, просечниот рејтинг на посетители, бројот на ски-лифтови, најголемата надморска височина, должината на падините, просечните цени на хотелите и бројот на хотели во радиус од 10 километри. Посебен акцент се става на ѕвездите и цените на хотелите во близина.
Ресортот „Алеко“ во Бугарија го зазема првото место со оцена 74,2 од 80, што се должи на неговата пристапност со 197 хотели во близина, висинска разлика од 740 метри и прифатлива дневна карта за возрасни скијачи, во просек од 26 евра.
Потоа, одморалиштето Страја во Романија е на втората позиција со оцена 72 од 80 како максимум. Посетителите на Страја можат да очекуваат да платат околу 26 евра за дневен билет за возрасни скијачи.
Ски-центарот Рамна Планина во Босна и Херцеговина го зазеде третото место со оцена 71,8 од 80. Опишана како „популарна кај почетниците“, 86 отсто сметаат дека патеките се „лесни“ и дека има „достапна карта за возрасни од само 15 евра, што ја прави привлечна за избор“.
На четврто место е Златибор во Србија, а потоа Колашин во Црна Гора.
Шестата најдобра ски-дестинација е Банско во Бугарија, а на седмото место е уште една планина од Босна и Херцеговина - Игман. Игман е опишана како место кое нуди прифатлива дневна цена на ски-лифт од 21 евро за возрасни скијачи.
Со резултат од 68,1, одморалиштето Сеузе 2000 во Франција се наоѓа на осмото место.
Маврово е на деветтото место, а топ-10 листата се заокружува со одморалиштето Алп ду Гранд-Сер во Франција.
Коментирајќи ја популарноста на зимските одмори и како да се избере вистинската дестинација, Шон Волш, раководител на маркетинг-секторот во „Спортсковер директ“, ја истакнал неверојатната мешавина на возбудлива авантура на отворено, снежните планински пејзажи и живописната култура.
Извор: Klix.ba
Фото: Freepik