Нордиските земји се предводници во усвојувањето иднина со безготовинско плаќање, додека Ерменија, Грузија и Германија заостануваат, покажува неодамнешна анализа.
Нордиските земји се поподготвени за иднина во која готовината повеќе нема да се користи кога станува збор за плаќањето, за разлика од остатокот од Европа.
„Финанспласен“, норвешка веб-страница за информации поврзани со финансиите, собра податоци од Светската банка, „Евростат“ и други јавно достапни банки на податоци за да се види колку европските земји се подготвени да им дозволат на луѓето да плаќаат без готовина.
Тие го оцениле бројот на достапни банкомати и терминали за плаќање на 100.000 луѓе, лимитот што сопствениците на картички може да го потрошат кога купуваат без готовина и бројот на луѓе што работат преку интернет-банкарство.
Помалку банкомати значи дека земјата е помалку зависна од готовина, а поголем број терминали за плаќање значи дека има „поголема инфраструктура“ за електронски трансфери, според портпаролот на „Финанспласен“.
Нивната анализа покажа дека Норвешка е најподготвена за безготовинска иднина: има најнизок број на банкомати и околу 96 отсто од населението работи со онлајн банкарство, според анализата.
Финска и Данска се на второто и третото место во анализата бидејќи имаат повеќе банкомати од Норвешка и нешто помалку терминали за плаќање, но приближно ист процент на луѓе што користат онлајн банкарство.
Холандија, Шведска, Исланд, Естонија, Литванија, Кипар и Швајцарија ги заокружија првите 10 во анализата, додека Ерменија, Грузија и Германија беа најмалку приспособени на безготовинските системи.
Зошто баш нордиските земји?
Според истражувањето, 5 од првите 10 земји што ретко користат готовина се нордиски земји.
Оле Петерсон, експерт за лични финансии во „Финанспласен“, вели дека во нордиските земји системите без готовина се сметаат за „корисни“ бидејќи овие системи помагаат да се надминат некои од нивните предизвици, како ретката густина на населението или суровите временски услови кои ги отежнуваат традиционалните плаќања. Овие земји се во предност бидејќи имаат голема доверба во јавните институции и мало население, што го олеснува испробувањето на новите политики.
Во Данска, готовинските плаќања сочинувале само 8 отсто од сите трансакции во земјата во 2023 година, според документот на националната банка.
Данците се со поголема веројатност да користат мобилни плаќања бидејќи купувачот секогаш го има својот мобилен со себе и лесно може да дојде до точната сума потребна за плаќање.
- Иако употребата на готовина опаѓа, таа сè уште е потребна во општеството - вели Кристијан Кетел Томсен, гувернер на данската Народна банка.
Што ги предизвика безготовинските плаќања?
Ковид-пандемијата ги зголеми безготовинските плаќања во светот, од просечно 91 безготовинско плаќање по лице секоја година во 2017 година на приближно 135 во 2020 година, според Светската банка.
Европската централна банка забележа сличен тренд во Европа. Истражувањето од 2023 година покажа дека 59 отсто од трансакциите во 2022 година биле направени во готовина, што е намалување од 72 отсто во 2019 година.
Мнозинството потрошувачи во Европа претпочитаат да плаќаат со картички или други безготовински начини за плаќање бидејќи тоа им е позгодно, вели истражувањето. Сепак, 60 отсто од анкетираните рекле дека сакаат да плаќаат и во готово.
Извор:
Euronews.com
Фото: Freepik