X
 04.03.2024 Технологија

Продажбата продолжува да опаѓа - во Кина „ајфон 15“ се продава со попусти

Од неговото лансирање, „ајфон 15“ се бори за своето место на пазарот во Кина, но тешкотиите на оваа серија на „Епл“ сè уште не се завршени бидејќи продажбата продолжува да опаѓа. Слабеењето на кинеската економија и забраната за користење ајфон-уреди во владините институции и државните претпријатија се едни од клучните причини за неуспехот на најновите модели на телефони на „Епл“ на најголемиот пазар на паметни телефони во светот. Секако, не треба да се заборави и фактот за враќањето и обновениот раст на домашниот технолошки гигант „Хуавеј“.

Во обид да ја поттикнат побарувачката, кинеските трговци на мало, како што е „Тмал“ во сопственост на „Алибаба груп“, одлучија да ги намалат цените на моделот „ајфон 15 про макс“ за дури 180 долари, што е 60 долари повеќе од минатогодишниот пад на цената во истиот период. „Ројтерс“ известува дека некои трговци ги намалиле цените на моделите на „ајфон 14 про“ за 10 проценти, надевајќи се дека ќе привлечат повеќе купувачи.

Иако на официјалната веб-страница на компанијата „Епл“ нема попуст за најновите модели на телефони во Кина, во јануари американскиот „број еден“ ги намали цените за цели 70 долари, што беше првпат гигантот да понуди попуст на своите нови модели.

Анализата на „Каунтерпоинт рисрч“ покажува дека кинеските потрошувачи веројатно ќе имаат корист од дополнителните попусти бидејќи продажбата на „ајфони“ во земјата сѐ повеќе зависи од промоциите. Ако се земе предвид и зајакнувањето на конкуренцијата во форма на други кинески компании како „Опо“ и „Виво“, кои исто така вршат притисок врз „ајфон“, доаѓаме до податокот дека продажбата на овие телефони во јануари паднала за 10 отсто на годишна основа. Сите овие настани најмногу ѝ одговараа на „Хуавеј“, која како компанија забележаа троцифрен раст во истиот период.

Ноемврискиот извештај објавен од „Блумберг“ укажува на можноста за стагнација на побарувачката за серијата „ајфон 15“ дури и во САД, бидејќи циклусот на освежување на паметните телефони се продолжува. И покрај сè, „Епл“ сè уште одржува предност во однос на другите производители, при што седум од десетте најпопуларни телефони во светот во 2023 година се модели на „ајфон“.

Извор: Benchmark

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија