X
 29.05.2019 Технологија

За повеќе од милион долари се продава лаптоп што содржи 6 најопасни вируси во светот

Некои од најголемите светски уметнички дела се познати по елаборираното потекло или сложената историја, но голем број од нив не се опасни за тие што ги поседуваат.

Исклучок е „Упорноста на хаосот“. Создаден од интернет-уметникот Гуо О'Донг, ова парче уметност е обичен лаптоп во кој се наоѓаат најопасните вируси во светот. Лаптопот е совршено безбеден - сè додека не го поврзете со вашиот безжичен интернет или не ставите УСБ.

Според уметникот Гуо О'Донг, намерата му била апстрактните закани од дигиталниот свет
да ги направи физички.

- Имаме фантазија дека работите што се случуваат во компјутерите не можат да влијаат врз нас, но тоа е апсурдно. Вооружените вируси што влијаат врз електричните мрежи или јавната инфраструктура може да предизвикаат директна штета.

laptop

Шесте вируси во лаптопот (10,2-инчен „самсунг“) биле избрани поради големината на економската штета што ја предизвикале. Тие го вклучуваат вирусот „ILOVEYOU“, компјутерски баг од 2000 година што често се појавува како „љубовно писмо“ прикачено на е-пораките; како и „WannaCry“, напад што ги исклучуваше компјутерите во болниците и во фабриките околу 2017 година, за кој разузнавачките агенции ја обвинуваа Северна Кореја.

Гуо вели дека „WannaCry“ е совршен пример за тоа како дигиталните напади може да имаат физички последици.

- „WannaCry“ предизвика еквивалент на штета од 100 милиони долари и доведе до откажување на десетици илјади закажани термини на доктор. Тие му предизвикуваат значителна штета на човекот, иако можеби е тешко да се утврдат ефектите врз пациентот - вели Гуо.

Овие не се историски проблеми. Само овој месец хакерски напад го опустоши градот Балтимор, замрзнувајќи владини системи и нарушувајќи продажби на недвижности, сметки за вода. Во целост, Гуо проценува дека шесте вируси на неговиот лаптоп предизвикуваат штета во вредност од 95 милијарди долари.

Според правилата на аукцијата, купувачот на лаптопот не смее да го допира, ниту да се обидува да ги поместува вирусите и останатиот штетен софтвер. За да се избегне ширење на вирусите, на лаптопот му е уништена способноста за поврзување на интернет.

Моменталната цена на лаптопот изнесува 1,2 милион долари. Иако можеби изгледа како многу висока сума за стар лаптоп преполн со малициозен софтвер, Гуо вели дека за него размислува како за уметничко дело и еден вид најубав каталог на историски закани.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија