X
 04.04.2022 Наша тема

Студентот Денис Синаноски сонува да работи во нуклеарна централа

Еден од најдобрите студенти на Техничкиот факултет во Битола, за разлика од некои други студенти што заминаа да студираат во странство, одлучи да остане дома со надеж дека целокупната перспектива на младите ќе се промени

Додека дел од неговите врсници студираат во странство или сонуваат допрва да заминат, Денис Синаноски, студирајќи на факултетот во неговиот роден град Битола, сака да покаже дека има надеж за младите кадри во Македонија. Тој е студент на втора година на машинскиот отсек на Техничкиот факултет во Битола и е меѓу најдобрите во неговата класа. Со својот успех успеа да стане и еден од петте студенти-стипендисти на ЕСМ за чие студирање компанијата годишно ќе обезбедува по 80.000 денари.

- Не размислувам да заминам надвор од оваа држава, сакам да покажам и да докажам дека сѐ уште има надеж целокупната перспектива на младите да се промени и да почнат да ја бараат причината за останување во нашата убава земја. Друго нешто што ме држи дома, а истовремено ме поттикнува да напредувам е тоа што покажувам најдобри резултати во сите домени од мојот живот - вели надежниот студент.

Го избрал Техничкиот факултет без двоумење

Техничкиот факултет се смета за еден од потешките, но Синаноски нема проблем со совладувањето на предметите. Вели дека се одлучил за овој факултет без двоумење затоа што знаел дека е со традиција, дека го има најдобриот кадар во регионот и нуди можност за вработување, но и за знаења кои понатаму ќе може да ги примени во секојдневниот живот.

- Да се биде студент со сите десетки, а истовремено и успешен човек на други социјални полиња е навистина тешко. Но, вербата во себе, напорната работа, добра организираност и прецизноста направија да не се отсечам од остатокот од светот - вели Синаноски.



Изборот на овој факултет и постигнатиот успех не се чудни за студент кој од мали нозе имал афинитети кон физиката.

- Откако знам за мене, ме интересираат природните науки, особено физиката. Кога нешто те привлекува, а не ја знаеш вистинската причина за тоа, тогаш знаеш дека е вистинско. Бидејќи постојано се ангажираш да дознаеш и целосно се препушташ на тоа што го правиш. Така и јас, трагам по она што сакам да го најдам, да го научам без мака и со многу љубов. Затоа можам да кажам дека зад мене оставам добри резултати - раскажува скромно Синаноски.

Го интересираат машини, автомобили, мотори

Објаснува дека успехот се постигнува постепено, со секој точен одговор, решена задача.
Сега е фокусиран што поскоро да го заврши факултетот. Секој ден е предизвик за него во совладувањето на техничките науки, а особено го привлекува изучувањето на машинските конструкции, автомобилите и моторите.

- Машините, исто така, се предизвик кој сакам да го учам секој ден. Афинитети имам кон секој домен во кој можам да пронајдам нешто што може да ме заинтригира. Било дали станува збор за некоја конструкција било проблем кој треба да се реши. Автомобилите и моторите се друга област која ми привлекува внимание. Секое делче вреди да се истражи и обработи. Деталите се она што ја прават целосната слика за успешност. А технологијата постојано се развива, се менува со секоја секунда, па затоа е предизвикувачка наука. Неопходно е да бидам во чекор со времето со цел да бидам во тек со случувањата - додава Синаноски.



Животна желба му е по завршувањето на факултетот да работи во нуклеарна централа, со надеж дека ќе имаме една во иднина.

Наоѓа време и да свири на гитара

Покрај студиите, му останува малку слободно време, но секогаш се труди да го најде. Во тие мигови мечтае по малку надворешна тишина свирејќи на својата гитара, играјќи некоја логичка игра или пешачи, како што вели: „По убавините на мојата земја со моите пријатели.“


Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема