X
 02.01.2019 Наша тема

Македонката Ивона Василеска - првенец на генерација на атомска и нуклеарна физика во Русија

Таа е и соработник на ИТЕР, светска организација од Франција посветена на искористување на плазмата како нов вид енергија.

Македонија има многу млади умови кои животот го посветуваат на науката, но за жал таму некаде „расфрлани“ по светот. Една од нив е и Ивона Василеска, со потекло од Прилеп, родена во Струга, а образована во Русија. Факултет и магистерски студии од областа на атомска и нуклеарна физика завршила во Москва, како првенец на генерација, а сега е на докторски студии во Словенија. Таа е и соработник на ИТЕР, светска организација од Франција посветена на искористување на плазмата како нов вид енергија.

Василеска вели дека отсекогаш ја привлекувале природните науки и уште од најмали нозе била премногу љубопитна за природните појави, како настанале, зошто се случуваат... Кога во седмо одделение првпат се запознала со физиката, си рекла дека тоа е она вистинското со кое ќе се занимава професионално.


Ивона Василеска

- Во осмо одделение учествував на регионалниот натпревар по физика што се одржа во Битола, па се пласирав на републички натпревар и го освоив третото место. Потоа се запишав во гимназијата „Д-р Ибрахим Темо“ од Струга, на природно-математичка насока. Благодарение на мојата професорка по физика и професорот по математика, нормално затоа што без математика нема физика, продолжив секоја година да ги посетувам натпреварите по физика и да постигнувам добри резултати. Таму ми се роди и желбата да студирам физика во некоја земја каде што физиката е онаа вистинската, со историски развој и со резултати постигнати со труд. Затоа ја избрав Русија - вели Василеска.

Единствен странец закитен со титулата првенец на генерација

Ивона всушност секогаш имала замисла дека во Русија физиката се изучува на посебен начин. Аплицирала на конкурсот на Министерството за образование и наука во соработка со руското министерство за бесплатно студирање во Русија. Добила стипендија и така почнала нејзината авантура. Во почетокот студирала една година во Санкт Петербург на подготвителен факултет каде што учела руски јазик и научен стил на руски јазик, како и физика, математика и информатика на руски јазик.
- Кога го завршив, се префрлив и се запишав прва година на Факултетот за природни науки при рускиот државен Универзитет дружби на народите, Москва. Го одбрав затоа што има посебен дух и позитивна енергија во која јас многу се пронајдов - вели таа.


Ивона го добива признанието за најдобар студент

Таа дипломирала во 2014 година на насоката атомска и нуклеарна физика како првенец на генерација. Вели дека оваа област најмногу ја привлекла.
- Многу работи сѐ уште не се научно докажани, има уште многу да се истражува, и љубопитноста си го направи своето. Мојот ментор тогаш премногу ми помогна и соработката што ја имавме навистина ме втурна кон целта за да успеам. Кога дипломирав, не ни знаев дека ќе бидам избрана за првенец на генерација. На свеченото доделување на дипломите ме известија и дека сум единствен странец што досега бил првенец на генерација и тоа чувство никогаш не би го заборавила. Исто така, и мојата дипломска работа беше прогласена за најдобра. Тогаш сфатив дека трудот, работата и љубовта кон она што се работи се трите причини за успех. Понатаму продолжив на магистратура во областа на плазмена физика и повторно бев избрана за првенец на генерација во 2016, каде што исто така мојата магистерска теза беше прогласена за најдобра. Тогаш добив и благодарност од ректорот на универзитетот за континуираната научна работа затоа што во текот на моето 6-годишно студирање учествував на конференции, натпревари по физика и го претставував факултетот, а и универзитетот во најдобро светло - раскажува таа.

Ја истражува плазмата

Повеќето средношколци и студенти размислуваат за студирање во некоја од западноевропските земји. Василеска вели дека е така бидејќи многумина ја доживуваат Русија како сосема затворена.
- И јас така мислев, но сега сосема го променив моето мислење. Образованието е како оној стар систем што бил во Македонија, 4 години се додипломски и 2 години магистерски студии. По секој стручен предмет има испити, професорите се беспрекорно добри и имаат голема желба да ги научат студентите. Ниту еден професор не ме третираше како странец, ме гледаа исто како и Русите, понекогаш ми посветуваа и повеќе внимание од потребното во случај да не сум сфатила нешто погрешно поради јазикот. Знаењето што го имаат е феноменално и сѐ уште немам запознаено луѓе што можам да ги споредам со нив. Затоа и во секоја научна институција во цел свет мислам дека руските научници се помеѓу првите.


Во лабораторија на Универзитетот во Москва

Магистерските студии ѝ биле поврзани со истражување на плазмената физика.
- Плазмата е четврта агрегатна состојба на материјата и е јонизиран гас. Поради таквата природа, плазмата претставува и спроводник на електрицитет, и затоа денес многу институти се залагаат за нејзино искористување. Ова е една понова насока во физиката во која многу се вложува. Плазмата ја има насекаде, на пример, молњата е плазма присутна на површината на Земјата, неонските ламби што ги користиме се и плазмени ламби, природната појава аурора бореалис (поларната светлина) исто така претставува плазма, Сонцето е еден вид плазма итн. Јас работев на создавање плазма во лабораториски услови, нејзина спектрална и сондова дијагностика, како и дефинирање и теоретско докажување на нејзините карактеристики - температура, густина на честици и слично - раскажува Ивона.

Македонија создава кадри, но нема начин како да ги задржи

Во моментов е на докторски студии по нуклеарно инженерство во Словенија. Сега од лабораторски услови се префрлила на компјутерска симулација на плазмата, т.е. симулација на честиците при различни надворешни услови.
- Затоа и се запишав на нуклеарно инженерство на Факултетот за физика во Љубљана. Образованието во споредба со Русија е сосема различно, јас сум навикната на еден друг систем на работа и на почетокот ми беше доста чудно, но се вклопив во средината. Како студент на докторски студии во земја различна од Русија, заклучив дека искуството што го стекнав во лабораторија и образованието што го добив од руските професори ме прави респектирана за разлика од другите студенти што студирале на европските универзитети. Тој руски принцип на работа ме направи да се одвојувам од другите и затоа ме гледаат поинаку тука, во Словенија.

Оваа млада физичарка соработува и со ИТЕР, светска организација посветена на искористување на плазмата како нов вид енергија.
- ИТЕР е еден вид светска организација која се наоѓа во Франција и се залага за изградба на најголемиот токамак, кој претставува уред каде што плазмата се задржува со помош на магнетно поле со цел да се достигне услов за термојадрен синтез, сличен на оној што го достигнува Сонцето. Па затоа мотото на ИТЕР е: „Целата енергија од Сонцето нека биде и на Земјата“, со тоа што ќе се искористи за добивање електрична енергија многу поекономична од онаа што ја имаме денес. Соработката се случи кога почнав да работам на еден проект со нив заедно, па така и мојот докторат е поврзан со нив - вели таа.


Соработничка на ИТЕР

Ивона одлично зборува руски и англиски јазик, а и словенечкиот брзо го совладала. Вели дека нема контакт со научниците од Македонија, но би сакала своето знаење да го искористи за подобрување на нашето образование.
- Искрено, нашето образование не е за потценување, имаме многу научни кадри што навистина вредат, но за жал заминуваат во странство каде што повеќе се ценети. Македонија создава кадри, но нема начин како да ги задржи. Условите што се нудат во Македонија, за жал, се катастрофални и затоа научниците се одлучуваат за некоја европска држава каде што ќе бидат повеќе ценети и нормално платени. За жал, се вложува во нешто непродуктивно, а во науката малку - вели Василеска.

Ова, според неа, може да се промени само ако се постават вистински луѓе на вистинско место.
- Со други зборови, да работи оној што најмногу заслужува и не значи дека секој мора да има високо образование или магистратура, поентата не е само диплома да се добие, туку и знаење. Во Македонија недостигаат услови за работа, имаме добри професори, но без услови не можат да се истакнат. Кога ќе се променат условите и кога ќе се ценат оние што вредат, тогаш можеби ќе се променат работите.
Таа сега е сконцентрирана на докторатот, а не ја исклучува можноста понатаму да работи за ИТЕР или во некоја друга научна установа во светов.
- Можеби ќе се вратам во Македонија, никогаш не се знае.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема