Како што поминува времето, така и луѓето се менуваат. Веќе сега гледаме некои промени во физичкиот изглед. На пример, во последните сто години сме станале повисоки, во некои области на светот во просек од 15 до 20 сантиметри. Но, се чини дека помладите генерации не само што добиле сантиметри во висина, туку добиле и во волуменот на мозокот што, според новото истражување, може да го намали ризикот од деменција.
Поточно, научниците скенирале мозоци на повеќе од 3.000 Американци на возраст од 55 до 65 години и откриле дека оние родени во 70-тите години имале 6,6 отсто поголем вкупен волумен на мозокот од оние родени во 30-тите. Членовите на генерацијата Х, исто така, имале речиси 8 отсто поголем волумен на белата маса во мозокот и 15 отсто поголема површина на сивата материја. Покрај тоа, хипокампусот, кој игра голема улога во меморијата и учењето, се зголемил за 5,7 отсто кај помладите генерации.
Сива и бела материја
Централниот нервен систем се состои од сива и бела материја. На површината на мозокот има сива материја составена од нервни клетки, со потпорно ткиво меѓу нив. Во централниот дел на мозокот белата материја е составена од нервни влакна, кои излегуваат од нервните клетки на сивата материја.
Сивата материја има сивкава или потемна боја поради високата концентрација на нервните клетки кои управуваат со важни функции - како што се говорот, учењето, движењето и слично. Различни области на мозокот се одговорни за различни функции, а сивата материја игра значајна улога во сите аспекти на човечкиот живот.
Белата материја, од друга страна, главно се состои од нервни влакна (аксони), кои ги поврзуваат мозочните клетки и ја олеснуваат комуникацијата со остатокот од телото.
Во изминатите три децении инциденцата на деменција во САД и Европа е намалена за 13 проценти.
- Се чини дека деценијата во која се раѓа човекот влијае врз големината и потенцијално врз долгорочното здравје на мозокот. Иако генетиката игра примарна улога во одредувањето на големината на мозокот, нашето истражување покажа дека и надворешните фактори можат да влијаат врз тоа - како што се здравствената состојба, социјалните влијанија, културата и образованието - истакна неврологот Чарлс де Карли од Универзитетот „Калифорнија Дејвис“.
Деменцијата е бавно, прогресивно влошување на менталните функции, вклучувајќи ги меморијата, размислувањето и расудувањето. Десетици милиони луѓе низ светот страдаат од ова болест, а со оглед на тоа што глобалното население старее, постои страв дека бројот на заболени би можел тројно да се зголеми за неколку децении.
Сепак, се чини дека ситуацијата не се влошува. Имено, во последните триесет години фреквенцијата на деменција во САД и во Европа секоја деценија се намалува за околу 13 проценти. Се чини дека помладите генерации, веројатно поради поздравиот начин на живот, имаат помал ризик од оваа болест. Сепак, може да има и други фактори.
Придобивките од поголем мозок
При деменција сивата материја во мозокот или кортексот се намалува. Бидејќи заболениот мозок го губи волуменот со текот на времето, логично е дека поголем почетен волумен може да обезбеди одредена заштита од деменција, или барем да ја забави. Претходните студии покажале, на пример, дека луѓето со поголема глава кои страдаат од Алцхајмерова болест имаат подобри когнитивни функции од оние со помала глава, но со иста болест.
За да видат дали големината на мозокот може да ја објасни помалата инциденца на деменција кај помладите генерации, Де Карли и неговите колеги ги анализирале податоците собрани за време на студијата „Фрамингам Харт“, која го следела здравјето на Американците родени помеѓу 1930 и 1980 година.
Кога учесниците биле на возраст меѓу 55 и 65 години, што се случило помеѓу 1999 и 2019 година, направена им била магнетна резонанса на мозокот. Овие податоци биле достапни само во октомври 2023 година. Анализата покажала дека помладите генерации имаат поголем волумен на мозокот.
Научниците не ги споредувале само мозоците на оние родени во 30-тите и 70-тите години. Тие ги анализирале и податоците на 1.145 испитаници на слична возраст, родени во 40-тите и 50-тите. И овие наоди укажувале на стабилно и постојано зголемување на волуменот на мозокот.
- Поголемите мозочни структури може да рефлектираат подобар развој и здравје на мозокот и да ги ублажат ефектите од мозочните болести поврзани со возраста, како што се Алцхајмеровата болест и деменцијата - вели Де Карли.
Фактори што влијаат врз здравјето на мозокот: вежбање, исхрана, приход...
Треба да се напомене дека поголемиот волумен на мозокот не е нужно гаранција за подобри когнитивни способности. Други фактори, како што се вежбањето и здравиот начин на живот, можат да влијаат врз здравјето на нашиот мозочен апарат. Вежбањето може да има позитивен ефект, додека лошата исхрана, консумирањето алкохол и социјалната изолација - негативен.
И заработката може да влијае врз нашите мозочни способности. За време на една неодамнешна студија за сиромаштијата, била откриена врска помеѓу нискиот приход и побрзото намалување на белата маса во мозокот. Иако нивото на белата маса опаѓа со возраста, се чини дека живеењето во сиромаштија го забрзува овој процес.
Швајцарските научници ги набљудувале и анализирале податоците од 751 лице на возраст меѓу 50 и 91 година и откриле дека оние во посиромашните домаќинства имале повеќе знаци на стареење во белата маса на мозокот на снимките со магнетна резонанса и пониски резултати на когнитивните тестови.
Истражувањето е објавено во „ЈАМА неврологија“, а може да го погледнете на овој линк.
Извор: index.hr
Фото: Freepik