Изложеноста на пасивно пушење, дури и во мали количини, е поврзана со поголем ризик од сериозно нарушување на срцевиот ритам, според истражувањето презентирано на „ЕХРА 2024“, научен конгрес на Европското здружение за кардиологија. Веројатноста за атријална фибрилација се зголемува како што се продолжува времетраењето на пасивното пушење.
- Опасностите од пасивното пушење се значајни без разлика дали поединците се дома, на отворено или на работа, што укажува дека изложеноста универзално го зголемува ризикот од атријална фибрилација. Сите ние треба да вложиме максимални напори за да избегнуваме трошење време во зачадени средини. Наодите, исто така, треба да ги поттикнат креаторите на политиките дополнително да го ограничуваат пушењето на јавни површини и да ги поддржат програмите за откажување од пушењето, за подобрување на јавното здравје - истакнал авторот на студијата, д-р Кјунг-Јеон Ли од Националната универзитетска болница во Сеул, Јужна Кореја.
Атријалната фибрилација е најчестото нарушување на срцевиот ритам кај луѓето во светот. Симптомите вклучуваат палпитации, отежнато дишење, замор и тешкотии со спиењето. Се проценува дека секој трет Европеец ќе ја развие оваа состојба во текот на својот живот. Луѓето со атријална фибрилација имаат пет пати поголеми шанси да доживеат мозочен удар од нивните здрави врсници.
Утврдено е и дека пасивното пушење е поврзано со коронарна артериска болест и прерана смрт. Сепак, врските помеѓу пасивното пушење и атријалната фибрилација се нејасни. Оваа студија ја испитувала поврзаноста помеѓу изложеноста на пасивно пушење и долгорочниот ризик од инцидентна атријална фибрилација. Студијата опфатила луѓе на возраст од 40 до 69 години, кои ја користеле Националната здравствена служба на Велика Британија од која било причина и биле запишани во „Биобанка“ на Велика Британија. Моменталните пушачи и оние со атријална фибрилација на почетокот биле исклучени од студијата. Во анализата биле вклучени вкупно 400.493 возрасни лица. Просечната возраст на учесниците била 56,5 години, а 55,2 отсто беа жени. Се користел прашалник со екран на допир за да се прашаат учесниците колку часови биле изложени на чад предизвикан од други луѓе, во една типична недела во текот на изминатата година - дома и во други средини.
Учесниците биле категоризирани во „изложена група“ доколку имале контакт со пасивно пушење и „неизложена група“ доколку немале контакт со пасивно пушење. Околу 85.984 (21%) учесници биле изложени на пасивно пушење во претходната година, со просечна изложеност од 2,2 часа неделно. За време на средно следење од 12,5 години, атријална фибрилација се развила кај 23.471 (6%) од учесниците.
Истражувачите ја анализирале поврзаноста помеѓу изложеноста на пасивното пушење и појавата на атријална фибрилација, откако извршиле приспособување на факторите кои потенцијално би можеле да влијаат врз врската, вклучувајќи ги возраста, полот, етничката припадност, индексот на телесна маса, дневното консумирање алкохол, умерената до енергична физичка активност, дијабетес, високиот крвен притисок, високите липиди во крвта, социоекономскиот статус и локацијата каде што се пријавиле за истражувањето.
Групата изложена на пасивно пушење имала 6 отсто поголем ризик од инцидентна атријална фибрилација за време на следењето, во споредба со неизложената група по приспособувањето на претходно споменатите фактори. Била набљудувана врска зависна од дозата, при што секое зголемување на времетраењето на неделното пасивно пушење било поврзано со уште поголем ризик од атријална фибрилација. На пример, 7,8 часа пасивно пушење неделно е поврзано со 11 отсто поголема веројатност за нарушување на срцевиот ритам, во споредба со отсуството на пасивно пушење. Ризикот од атријална фибрилација кај пасивните пушачи бил зголемен во домовите, работните места и надворешните простори.
- Според нашата студија, откако ќе се изложиме на пасивно пушење, веројатноста за развој на атријална фибрилација почнува да се зголемува, при што ризикот значително се зголемува како што се продолжува времето на изложеност. Откритието дека пасивното пушење е штетно не само во затворен простор, туку и во надворешните средини, ја нагласува важноста на забраната за пушење, со цел заштита на јавното здравје - заклучил д-р Ли.
Извор: Medicalxpress.com
Фото: Freepik