Добро познато е дека кај жените настанува пад на плодноста во триесеттите години, но научниците пронашле нов доказ кој покажува дека и мажите имаат биолошки часовник што ја ограничува нивната способност за репродукција како што стареат.
Ново истражување покажува дека „ин витро“ оплодувањето може да биде неуспешно поради возраста на таткото. Според експертите, сега е познато дека за да успее „ин витро“ постапката, не е важна само возраста на жената, иако тоа може да е доминантен фактор.
Научниците анализирале „ин витро“ третмани во период од 15 години, и тоа на примероци од речиси 8.000 двојки. Откриле дека како што стареат паровите, така шансите за раѓање се намалуваат, но ефектот бил очигледен кај двојки во кои жената не била постара од 40 години. Научниците ги поделиле примероците на четири возрасни групи: под 30 години, од 30 до 35, од 35 до 40 и од 40 до 42 години. Кумулативната стапка на раѓање била најниска кај двојките во кои жената била на возраст од 40 до 42 години, што и не е изненадување со оглед на она што е познато за жените и намалената плодност со текот на стареењето. Кај групата од 40 до 42 години возраста на мажот немала никакво влијание, но кај помладите возрасни групи на жените бил забележан пад на стапката на раѓање доколку мажот бил постар.
На прашањето зошто постарите
мажи имаат помал успех во третманите за „ин витро“ оплодување научниците немаат сигурен одговор, па истражувањата ќе продолжат во таа насока.