Третманот со мезенхимски матични клетки може да биде пресвртница во лекувањето ковид-19, вели Драган Приморац, доктор и професор од Хрватска.
Професорот Приморац објаснува дека тој и неговите колеги учествувале во експеримент кој исто така го спровеле доктори во САД и во Израел, а во кој биле користени овие клетки.
Како што вели, експериментот што неговиот тим го извел во сплитската болница врз пациент заболен од ковид-19 дал одличен резултат. Тие користеле мезенхимски матични клетки кои можат да се добијат од голем број ткива: масното ткиво, коскената срцевина или плацентата.
- Овие клетки имаат неверојатна моќ да го потиснат имунолошкиот одговор на телото, да го намалат воспалението, но и да ги регенерираат ткивата - вели д-р Приморац, додавајќи дека тој и неговиот тим користеле здрави клетки од донатор кај пациент со ковид-19 кој имал тешка клиничка слика.
Одлични резултати
- Веќе по првите три дена видовме драстично подобрување. Кога ги споредивме клиничката слика и снимките од белите дробови по седум или осум дена, можеше да се забележи значително подобрување. Пациентот беше пуштен дома во добра здравствена состојба. И тоа беше првиот случај што го објавивме во хрватско медицинско списание - вели тој. Истовремено, неговите колеги од САД и Израел го направиле истиот експеримент, а и Израелците ги објавиле резултатите од нивната работа.
- Од 17 пациенти, 15 беа во одлична состојба - додава Приморац.
Приморац вели дека Израелците му понудиле технологија што може да ги задржи овие клетки на собна температура седум дена.
- Многумина веруваат дека ова е најефективниот лек од почетокот на пандемијата. Не само што ја потиснува тешката клиничка слика, туку и значително ги регенерира клетките и може да добиеме толку многу што можеме да ги користиме на стотици пациенти - вели д-р Приморац.
Извор:
Telegram.hr
Фото: Freepik