X
 04.07.2019 Образование

За само 0,05 е зголемена просечната оценка на државната матура, од МОН велат дека има напредок

3,47 е просечната оценка по сите предмети од полагањето на државната матура во државата или за 0,05 повисока од ланската. Министерот за образование и наука Адем Адеми е задоволен од резултатите и вели дека покажуваат напредок во изминатите учебни години.
Резултатите од екстерните испити на државната матура за учебната 2018/2019 година што се спроведе во период од 1 до 13 јуни денеска ќе бидат достапни на огласните табли на училиштата, како и на интернет-страницата matura.gov.mk, извести денеска на прес-конференција Лидија Ѓошевска, директорка на ДИЦ на Државниот испитен центар.

Од утре до 9 јуни незадоволните ученици можат да упатат приговор до ДИЦ.
Адеми им честита на сите што го положиле и им посака успех понатаму, за тие што ќе изберат да продолжат со факултет, а и за тие што ќе се пробаат на пазарот на трудот.

- Резултатите се добри и покажуваат напредок во споредба со изминатите учебни години, односно учениците што го полагаат тестот на зрелост покажуваат подобри резултати од минатите генерации - соопшти Адеми.
Поединечно и кај повеќето предмети има подобрување во постигнувањето на учениците во споредба со изминатите години, а кај помал дел има намалување или стагнација.



За математика постигнувањата се најдобри во последните три години. Годинава просечната оценка е 3,65, а минатата година изнесувала 3,37.
И оваа година има раст на бројот на кандидатите што полагале англиски јазик, и тоа за 310 ученици повеќе од минатата година, вкупно 14.103 ученици. Од нив 7,35 проценти не го положија испитот, а 6,22 проценти имаат одлична оценка. Просечната оцeнка годинава е 3,07, додека лани беше 2,91.
Кандидатите што се пријавиле за полагање во јунскиот испитен рок, но не положиле, дел или сите испити од државната матура ќе можат повторно да се пријават за полагање во августовскиот испитен рок. Притоа, на 12 август ќе се полага странски јазици, на 13 август – мајчин јазик, 14 август – изборни предмети и на 15 август – математика.
Оваа година државна матура полагаа 15.553 ученици, од кои 7.692 од гимназиско и 7.604 од стручно образование, како и 257 ученици од средно уметничко образование.

На прашањето на Факултети.мк на што се должи слабиот резултат во познавањето на англискиот јазик, со оглед на тоа дека најголем процент од учениците го избираат за полагање, Ѓошевска вели дека тоа е реалното знаење на матурантите. Годинава оценката по англиски има благ пораст за 0,16.


Министерот за образование Арбер Адеми и директорката на Државен испитен центар, Лидија Ѓошевска

- Тестот по англиски е дел граматика, дел пишување. Оценката е реалното знаење на матурантите. Годинава имаше промена во однос на бодирањето на тестот. Прашањата на тестот беа составени од база на податоци на професори по англиски јазик. Благиот пораст на успехот на државната матура се должи на промената на испитната политика. Резултатот се должи на посетата на координаторите по сите предмети во средните училишта во периодот март, пред матурата. Тие им направија обуки на наставниците и ги запознаа со начинот на подготовката на тестот и содржинската застапеност – вели Ѓошевска.

Таа додава дека секоја наредна година претставници на ДИЦ ќе ги посетуваат средните училишта со цел да ги известуваат наставниците за евентуалните промени што би се случувале по одредени предмети.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование