Дури 15 матуранти од средните училишта во земјава имале ист најголем број поени (99,61 перцентили) по предметот математика на државната матура. Куриозитет е што дури 13 од нив се девојки. Од вкупно 15.553 матуранти што полагаа државна матура, само 2.033 ученици (или 13 отсто) избрале да полагаат математика.
Според податоците што ги добивме од Државниот испитен центар, најмногу ученици со максимален број поени по математика доаѓаат од приватното школо „Јахја Кемал“ од Струга и од Скопје. Станува збор за: Теона Никовска (Струга), Бојана Стефаноска и Јован Петрески (Скопје).
Со по два најдобри матуранти по математика можат да се гордеат неколку гимназии во земјава. Тоа се „Св. Климент Охридски“ - Охрид (Мартина Аврамоска и Сара Паункоска), „Јосип Броз Тито“ - Битола (Ивана Петревска и Емилија Илиевска), „Мирче Ацев“ – Прилеп (Андреј Крстев и Ева Крстеска), „Добри Даскалов“ – Кавадарци (Павлинка Ташева и Љубица Петревска).
Најдобри по математика се и: Елена Најдова од „Раде Јовчевски-Корчагин“, Вера Прошева од „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, Анџела Матовска од „Здравко Цветковски“ – Скопје и Илза Тачи од „Maarif international school“ – Тетово.
Со понекој исклучок, речиси по традиција се повторуваат имињата на гимназиите од каде што доаѓаат најдобрите матуранти по предмети.
Најголем успех на државната матура по поединечен предмет со вкупно 100 перцентили постигнал Борјан Гаговски од меѓународното училиште „Нова“ од Скопје, кој беше најдобар по англиски јазик.
Со само 0,01 перцентил помалку, односно 99,99, Јана Величкова, ученичка на „Јосип Броз Тито“ најдобро го решила тестот по македонски јазик. По предметот албански јазик и литература најдобар е Атлин Аџами од „Зеф Љуш Марку“ од Скопје. По предметот турски јазик и литература, со 99,83 перцентили најдобар бил Фатих Каплан од приватното училиште „Јахја Кемал“ од Струга.