Во неделата што измина ви ја претставивме младата научничка Ангела Глигорова, која ја истражува антиматеријата во ЦЕРН, разговаравме со професорка по латински јазик која го напушти образовниот процес за да работи во обложувачница. Пишувавме за тоа зошто е добро да се студира на некој од институтите на Природно-математичкиот факултет од Скопје. На 15 септември ќе се случи првата трка во Битола „Трчај бе“, а за неа разговаравме со нејзиниот иницијатор Никола Димитровски. Ја отворивме и темата зошто матурантите бегаат од математиката како изборен предмет за полагање државна матура.
Приказната на
Силвана Величковска е само една од многуте што станаа секојдневие во „сивата зона“ за кои никој не зборува. Половина фонд на часови е проблем со кој се соочуваат многу наставници, пред сѐ, поради намалениот број на ученици во Македонија
Знае латински и старогрчки. По 15 години поминати во образование како професорка по латински јазик, просветен работник кој со љубов и посветеност си ја работел работата, денес лебот го заработува во спортска обложувaчница.
Ангела Глигорова
Еден од најголемите предизвици на модерната физика е да открие што всушност се случило со антиматеријата, или зошто материјата е застапена многу, многу повеќе. Во ЦЕРН ние се обидуваме да ја решиме оваа мистерија преку создавање антиматерија, односно атоми од антиводород, вели
Ангела Глигорова од Неготино, која веќе две години работи во Институтот за субатомска физика „Штефан Мејер“ при австриската Академија на науки и активно учествува во неколку тековни експерименти на Европската организација за нуклеарно истражување (ЦЕРН).
Посакува во следните години да успеат да го измерат гравитационото забрзување за антиводородот и да откријат дали можеби гравитацијата е клучот за исчезнувањето на антиматеријата.
Никола Димитровски
На 15 септември Битола ќе ја добие првата трка што во целосно битолски манир го доби називот
„Трчај бе“. Група ентузијасти во трчањето одлучија да ја променат сликата - Битола да добие градска трка каква што заслужува.
Разговараме со Никола Димитровски, кој е адвокат по професија и еден од иницијаторите на трката, а се вљубил во трчањето пред само една година.
- Откако активно се вклучивме во организацијата, дојдовме до заклучок дека во Битола функционира само еден атлетски клуб, со еден сериозен натпреварувач, кој помага и во нашата организација – Кристијан Стојани. Единственото место каде што може да се тренира е Градскиот парк, каде што нема професионална патека за трчање, т.н. тартан. Во зимски услови не постои место во градот за тренинзи, ниту рекреативно ниту професионално. Можеби со повеќе вакви иницијативи многу работи ќе почнат да се поместуваат од мртва точка. Со седење дома и пишување статуси на „Фејсбук“ тешко дека нешто ќе промениме. Со добра идеја, вистински тим и многу работа, може да се постигнат работи кои претходно изгледале невозможни – вели Димитровски.
Валентин Чачор
Математиката не им е омилен предмет на матурантите за полагање на
државната матура, но според професори, поголем проблем е тоа што некои технички факултети дозволуваат уписи без покажано знаење по овој предмет.
Годинава 2.033 матуранти полагале математика од вкупно 15.553 пријавени за полагање на државната матура. Тоа се околу 13 отсто. Предметот англиски јазик го избрале дури 13.851 матурант. Се наметнува дилемата зошто младите толку бегаат од математиката за полагање државна матура. Дали тестовите им се тешки, дали бегаат од поголема одговорност? На дел од овие прашања ни одговорија универзитетски и професори по математика.
- Ова е навистина длабок проблем. Перцепцијата на математиката е генерално проблематична. Не само во Македонија, туку и многу пошироко. Според мене, има два можни одговори на ова прашање: или матурантите мислат дека не знаат доволно математика или мислат дека се многу поподготвени по другите предмети. Не верувам дека тестовите се тешки затоа што тоа е материјал кој се изучува во средното образование. Вистинското прашање што заслужува анализа е зошто сите технички факултети не бараат како услов положена матура по математика – прашува професор Петар Соколоски од Природно-математичкиот факултет.
Лабораторија при Институтот за хемија
Во последниве две години се зголемува интересот и за студиите по географски информациски системи, нутриционизам, економска (актуарска) математика, медицинска физика, етнологија и другите. Годинава очекуваме зголемен интерес и за наставните студиски насоки, за кои е предвидено државно стипендирање, вели
Ицко Ѓоргоски, декан на Природно-математичкиот факултет од Скопје, каде денес функционираат шест институти: Институтот за биологија, Институтот за географија, Институтот за етнологија и антропологија, Институтот за математика, Институтот за хемија и Институтот за физика, а седма работна единица на ПМФ во ранг на институт стана Сеизмолошката опсерваторија.
Во изминативе речиси 73 години факултетот растел, се развивал, имало реформи, но секогаш со стремеж во секоја учебна година да влегува поцврст во поставените постулати за кои постои, квалитетот на студиите и на завршените студенти да е на ниво кое не заостанува зад европскиот просек и стандард, вели Ѓоргоски, кој ги најавува новостите, поддршката и субвенциите за сите што ќе решат да студираат на овој факултет.
Средношколците што ја претставуваа Македонија на Меѓународната олимпијада по хемија
Секое ново искуство на светска научна олимпијада ги подобрува резултатите на наредните учесници. Ова е само дел од искуството на средношколците што ја претставуваат Македонија на Меѓународната олимпијада по хемија, позната како IchO. Предводени од менторите од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ), најголем дел од нив кадар на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, тие почнаа редовно да се враќаат со медали од светските натпревари.