На дрвјата во Чикаго нема само ливчиња, шишарки и плодови, туку можат да се најдат и паметни телефони. Тоа долго време беше мистерија за жителите, не им беше јасно зошто на дрвјата во близина на магацините на „Амазон“ и продавниците „Хол фудс“ се поставени паметни телефони.
Сега мистеријата е решена, а одговорот на прашањето за тоа зошто мобилните телефони завршуваат на дрвјата е: пари.
Непознати луѓе поставиле паметни телефони во близина на магацините на „Амазон“ и продавниците на „Хол фудс“ со цел да ја измамат компанијата и да добијат што повеќе нарачки за испорака, бидејќи системот на „
Амазон“ е дизајниран така што налозите за испорака секогаш ги примаат најпрво луѓето што се најблиску до центрите за испорака и продавниците.
Целта на ставањето телефони на дрвјата е да се измами механизмот на „Амазон“ дека возачите се поблиску до магацинот или продавницата отколку што навистина се. Апликацијата доделува маршрути делумно според близината на возачот до точката на подигнување на испораката.
Телефоните на дрвјата ја имаат апликацијата и се синхронизирани со другите телефони што им припаѓаат на возачите. Шемата ја води индивидуална група.
Фото: Pixabay
Телефоните служат како главни уреди што испраќаат правци до повеќе возачи во близина на парцелата. Неидентификувано лице дејствува како посредник помеѓу „Амазон“ и возачите и им наплатува на возачите да си обезбедат повеќе маршрути, што е против политиките на „Амазон“.
Испораките од магацините и „Хол фудс“ обично се плаќаат 18 долари на час, од кои лицето што управува со мобилните телефони и ја распределува работата добива 8 долари на час.
Една од причините зошто во последно време возачите/доставувачите се борат за работа и за секој клиент, односно секоја достава, е тоа што работните места што беа популарни пред пандемијата, како такси за „Убер“ и „Лифт“, сега се во голем пад поради пандемијата, па многу возачи се обидуваат да најдат дополнителен извор на приход.