X
 10.05.2026 Технологија

Вештачката интелигенција може да ја предвиди вашата личност врз основа на историјата на разговори

Вештачката интелигенција можела да предвиди особини на личноста како што се кооперативност и емоционална стабилност со точност до 60 отсто, покажува ново истражување.

Исто така, истражувањето укажува дека вештачката интелигенција може да ја предвиди личноста на корисникот врз основа на неговата историја на разговори.

Во сè уште нерецензирано истражување, истражувачи од Швајцарскиот федерален технички институт во Цирих побарале од 668 корисници на „ЧетГПТ“ од САД и Обединетото Кралство да споделат копии од нивната историја на разговори, по што обучиле модел на вештачка интелигенција да извлекува заклучоци за особините на личноста од тие разговори.

Истражувачите собрале и анализирале повеќе од 62.000 разговори, кои ги категоризирале според темите на кои се однесувале.

Обучениот модел потоа се обидел да процени колкава е веројатноста дека корисникот ги поседува петте основни особини на личноста познати како „Големите пет“ во психологијата: кооперативност, совесност, емоционална стабилност, екстраверзија и отвореност.

Исто така, учесниците пополниле стандарден психолошки тест за да се утврдат нивните доминантни особини на личноста.

Прилагодениот модел на вештачка интелигенција успеал да ги препознае особините на личноста со точност до 61 отсто, покажуваат резултатите. Најуспешен бил во предвидување на кооперативноста и емоционалната стабилност, а имал и потешкотии со совесноста.

Истражувањето покажало дека вештачката интелигенција била поуспешна кога имала подолга историја на разговори за анализа, што сугерира дека колку повеќе некој користи вештачка интелигенција, толку полесно може да се препознае неговата личност.

Иако ризиците за поединците се релативно мали, истражувачите предупредуваат дека постојат големи ризици на пошироко ниво доколку податоците за личноста бидат злоупотребени. Тие наведуваат дека ваквите податоци би можеле да се искористат за кампањи за масовна манипулација преку ширење дезинформации и/или политичка пропаганда.

Истражувачите се надеваат дека нивните наоди ќе помогнат во развој на алатки за намалување на ризикот од прекумерно споделување лични податоци со вештачка интелигенција, како што се системи што автоматски ги отстрануваат идентификациските информации.

Извор: n1info.hr
Фото: Unsplash

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија