X
 04.09.2021 Живот

Каде се наоѓаме на ранг-листата за дигитална компетитивност?

Пандемијата го покажа значењето на дигиталните технологии во денешниот свет. Но нивната примена не е еднаква насекаде. Ново издание на извештајот „Диџитал рајзер“ од Европскиот центар за дигитална компетитивност од бизнис-школата „ЕСЦП Европа“ ја споредува дигиталната компетитивност на 140 држави од светот.

Во извештајот се прави споредба на промените што ги постигнале државите во поглед на дигиталната компетитивност од 2018 до 2020. Помеѓу земјите членки на Г-20, Кина најмногу ја подобрила дигиталната компетитивност, а по неа следуваат Саудиска Арабија, Бразил, Аргентина и Турција.

Најголем пад во овој период бележат Индија, Јапонија, Германија, Јужноафриканска Република, Обединетото Кралство, САД и Русија.


Фото: Pixabay

Во извештајот се објавени и ранг-листи на земјите според моменталното ниво на дигитална компетитивност. На врвот на листата за Европа и Северна Америка се наоѓа Литванија, а по неа следуваат Унгарија, Шпанија, Грција, Бугарија, Полска, Турција, Канада, Естонија и Белгија.

Од 39 земји на оваа листа, Македонија се наоѓа на 28. место, по Црна Гора (13.) и Словенија (15.), но пред Хрватска (29.), САД (30.), Србија (31.), Босна и Херцеговина (32.) и Албанија (39.). Нивото на дигитална компетитивност на нашата земја се намалило за 41 поен од 2018 до 2020 г., според извештајот.


Фото: Pixabay

Рангирањето се прави врз основа на две димензии од дигиталната компетитивност: екосистемот и начинот на размислување. Екосистемот се однесува на достапноста на финансии, цената и времето потребно да се основа бизнис, тежината на вработување странски работници и вештините на дипломираните жители. Начинот на размислување се однесува на дигиталните вештини на активното население, ставот кон претприемачките ризици, разноликост на работната сила, претплати за мобилен интернет и отвореноста на компаниите за нови идеи.

Македонија се наоѓа на 37. место на листата за Европа и Северна Америка според екосистемот, а на 12. според начинот на размислување.

Извор: World Economic Forum | Digital Competitiveness
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот