X
 29.07.2024 Технологија

Дали технологијата на Олимпијадата е форма на допинг или реалност на модерниот спорт?

Денешните Олимписки игри се технолошко чудо. Камерите со бавно движење ја репродуцираат разликата долга милисекунди помеѓу првото и второто место. Олимписките спортисти користат следење на движење и микроструи за да ја подобрат формата, да го забрзаат закрепнувањето и да спречат повреди.

Технологијата и спортот се веќе нераскинливо поврзани, но контроверзијата се појавува кога таа технологија се користи за подобрување на атлетските перформанси. Понекогаш наречен „технолошки допинг“, овој феномен се однесува на употребата на облека или опрема за стекнување нефер конкурентна предност. Овогодишните Олимписки игри во Париз, на пример, ќе бидат полигон за „супер шилци“, верзија на популарните супер чевли на долги растојанија кои се приспособени за спринт. Спортските пуристи велат дека овие чевли претставуваат форма на технолошки допинг.

За разлика од допингот со дрога, кој го надгледува меѓународна антидопинг-агенција, за облеката и опремата за даден спорт одлучува сопственото раководно тело. Американската антидопинг-агенција изјавила дека конвенционалниот допинг и технолошкиот допинг се независни прашања и дека од владејачките спортски тела зависи дали ќе воспостават технички барања за употреба на опрема во нивниот спорт и да ги спроведат истите.

Одлуките за забрана на ставка од конкуренцијата често се носат ретроактивно.

На пример, на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, 94 проценти од сите пливачки златни медали ги освоија спортисти кои носеа костим за капење „спидо ЛЗР рејсер“. Сè за овој костим за целото тело - од избор на ткаенина до поставување на шевовите - беше внимателно дизајнирано за да се намали силата на влечење што се создава кога водата ќе дојде во контакт со телото. Иако се сметаше дека ткаенината на костимот инспирирана од кожа од ајкула игра голема улога во намалувањето на отпорот, подоцнежните истражувања покажаа дека тоа не е така. Наместо тоа, веројатно  покривањето на целото тело со костим го намалува отпорот и ја прави потрошувачката на енергија поефикасна, со минимизирање на вибрациите на мускулите и измазнување на текстурата на кожата.

Костимот го носеа луѓе кои поставија 23 нови светски рекорди во пливање на Олимписките игри во 2008 година, бројка која се искачи на 93 до август 2009 година. Многу луѓе го означија како форма на технолошки допинг и „Ворлд акватикс“ (порано познат како Интернационална аматерска пливачка федерација, или ФИНА), на крајот ги забрани костимите за капење за цело тело при натпреварување. Сега машките костими за капење можат да се протегаат само од половината до коленото.

Според Ким Хеберт-Лосиер, истражувач по биомеханика на Универзитетот во Ваикато во Нов Зеланд, технолошки напредните супер чевли се карактеризираат со три главни карактеристики: лесна пена од средниот ѓон што враќа енергија, заоблена, цврста плоча што се протега на ѓонот и закривена целокупна форма, која природно го турка тркачот напред доколку има доволно импулс. Овие дизајнерски елементи работат заедно за да го подобрат трчањето на спортистот, или кислородот потребен за поминување одредено растојание или трчање со одредена брзина. Истражувањата покажале дека линијата на чевли „најк вапорфлај“ ја подобрува економичноста на трчањето во просек за 4 проценти.

Енди Миах, професор на Универзитетот во Салфорд, Англија, кој ги истражува биомедицинските, културните, политичките и социјалните структури на Олимписките игри, верува дека оваа технолошка трка доаѓа со елитниот спорт.

- Технологиите им овозможуваат на спортистите да ги постигнат своите најдобри резултати, а паметните тимови ќе се погрижат да бидат на врвот на задачата - вели тој.

За спортистите што не се спонзорирани, тренирањето со супер чевли од секаков вид  станува скапо,бидејќи тие се трошат многу побрзо од стандардните чевли за трчање. Експертите препорачуваат замена на супер чевли на секои 450 километри (280 милји) - и за над 250 долари за пар.

Сепак, за некои спортисти, славата на златото сè уште е премногу примамлива.

-До Олимпијадата 2020, некои тркачи се откажаа од спонзорството со друг бренд за да можат да трчаат во чевли на „Најк“ - вели Хеберт-Лосиер.

Нееднаквостите во пристапот до најдобрата опрема, тренери и капацитети историски се еден од најголемите во елитниот спорт. Технолошкиот допинг ја потхранува оваа нееднаквост бидејќи ексклузивноста на брендот и високата цена го ограничуваат пристапот до напредна облека.

Но, сегашниот пристап за решавање на технолошкиот допинг може да ја направи нејасна линијата што ги дели „чистите“ и „валканите“ спортови. Должината на чорапот е строго регулирана во возењето велосипед, но не и во трчањето. Сјајните карбонски влакна се цврсто регулирани при трчање, но добредојдени во скок со стап. Забранетите и легалните чевли се разликуваат по милиметрите пена. Овие примери прават прописите изнесени од раководните тела да изгледаат произволни и да не се вистински репрезентативни за фер спорт.

Според Миах, можеби е бесплоден напор да се одолее на интегрирањето на технологијата во елитната атлетика.

- Елитните спортски изведби се секогаш комбинација на биолошка способност и обука на таа способност преку технолошки средства. Нема природен спортист. Всушност, да се биде елитен спортист е многу неприроден начин на живот - но тоа не значи дека е лошо - заклучил тој.

Извор: scientificamerican.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија