X
 04.09.2026 Живот

На комарците црно им се пишува - пристигна ласер што ги соборува во лет

Комарците досега имаа прилично комотен живот. Ни зуеја околу ушите, летаа каде што ќе им текне и исчезнуваа пред да успееме да ги удриме. Сега добиваат нов противник. Овој противник не мавта со рацете, туку ги пронаоѓа со помош на вештачка интелигенција и ги соборува со ласер.

Уредот „Блу ласер москито ер дифенс“ на компанијата „Фотон матрикс“ е направен за употреба на отворено. Користи радар, ВИ и прецизен, син ласер за детекција и убивање на комарците.

Што сè препознава уредот

Уредот може да препознае и „безопасни“ инсекти како пеперутки, но и голем број различни видови комарци. Покрива подрачје со ширина од шест метри и под агол од 90 степени.

Кога уредот ќе „види“ комарец, се активира внатрешниот систем кој со помош на брзи, моторизирани огледала го насочува и позиционира ласерскиот зрак со исклучителна прецизност и брзина. Тоа се одвива многу побрзо отколку што човечката рака може да замавне.

Апликација за телефон

Како и секој нов уред, и овој ласер доаѓа во пакет со придружна апликација која прикажува мапа на активноста на комарците и список на уништени инсекти. Апликацијата овозможува и приспособување на дометот и аголот на скенирање, како и одредување распоред според кој уредот автоматски ќе се вклучува и исклучува.

Од компанијата „Фотон матрикс“ тврдат дека уредот може да идентификува инсекти со големина од само два милиметри кои летаат со брзина до еден метар во секунда.

- Нашиот интелигентен систем против комарци е заснован на ЛИДАР технологијата за детекција и таргетирање. Со комбинирање на вештачката интелигенција, следењето во реално време и прецизното ласерско уништување се создава попаметно решение за физичка контрола на комарците без употреба на хемикалии - наведуваат од компанијата.



Два пакета

Со уредот се добива пренослива батерија со капацитет од 20.000 mAh. Оваа батерија брзо се полни и овозможува околу четири часа непрекината работа кога уредот не е приклучен на струја.

Пакетот што е наменет за употреба на отворено доаѓа со постамент кој му овозможува на уредот да се ротира за 360 степени, со што се зголемува просторот што може да го скенира.

Компанијата нуди и пакет наменет за употреба во затворен простор. Тој користи инфрацрвена детекција и ласер кој е невидлив за човечкото око и е безбеден за затворени простории.

Според наводите од „Фотон матрикс“, двата уреда се исклучително тивки.

Цена и нарачување

Нарачувањето е возможно преку веб-страницата на компанијата. Производителот наведува дека моментално се обидува да одговори на побарувачката која ги надмина очекувањата, нуди гаранција од 12 месеци и бесплатна достава. Моделот со син ласер за употреба на отворено е достапен по цена од 1.088 американски долари, додека моделот со инфрацрвен ласер чини 988 долари.

Извор: forbes
Фото: принтскрин/фејсбук

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот