X
 04.10.2019 Живот

ЕУ размислува да воведе семафор за здрава храна

Како една од мерките во борбата против епидемијата од дебелина, Европската Унија размислува за употреба на таканаречен семафор-систем во продавниците за храна и пијалаци.

Станува збор за обележување на пакувањата на храна кое низ бои и букви на купувачите им ја покажува нутритивната вредност на производот - од најздраво темнозелено „А“ до најмалку здраво црвено „Е“.

Оваа информација им беше претставена на европратениците од страна на назначениот комесар за здравје и безбедност на храна Стела Киријакидес на дискусијата во Одборот за заштита на животната средина, здравје и безбедност на храна на Европскиот парламент.

Според неа, истражувањата покажуваат дека граѓаните сакаат да имаат ваков вид информации и дека до крајот на 2019 година комисијата ќе објави студија за етикетите за хранлива вредност на храната.

Системот „Нутрискор“ се користи на доброволна основа во Франција, Белгија и во Шпанија, а уште неколку земји чекаат одлука од Европската комисија.

Хранливата вредност на храната или пијалакот се пресметува земајќи го предвид односот на состојките што треба помалку да се консумираат (калории, заситени маснотии, шеќер, сол) и оние што се поздрави (растителни влакна, протеини, јаткасти плодови, овошје и зеленчук), преку алгоритам развиен од независни експерти.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот