X
 28.03.2022 Живот

ЕУ доделува бесплатно патување за 18-годишници. Може да се пријавуваат и Македонци

Европската Унија има иницијатива за младите луѓе што се на 18-годишна возраст, а се жители на земја која е членка на ЕУ или земја која е вклучена во програмата „Еразмус+“, во која учествува Македонија. Станува збор за иницијативата „Дискавер ЕУ“, која им овозможува на младите од овие земји бесплатно да патуваат низ Европа.

Наскоро започнува и пријавувањето за најновиот круг на програмата. Проектот е започнат од страна на ЕУ со цел запознавање различни култури и обичаи, како и стекнување нови пријателства. Иницијативата првпат се организирала во 2018 година. Се патува најчесто со воз, но може да се добие одобрување и за автобуси и траекти.

Условите за пријавување оваа година се поседување државјанство на членка на ЕУ или членка од „Еразмус+“ и да се биде роден помеѓу 1 јули 2003 и 30 јуни 2004 година. Доколку добиете бесплатно патување, тоа може да го искористите ако вашето патување започнува во држава на ЕУ и планирате да патувате најмногу еден месец помеѓу 1 јули 2022 и 30 јуни 2023.


Фото: Pixabay

Може да се пријавуваат и млади со посебни потреби кои ќе добијат совети за своето патување и може да добијат надомест за помош.

Пријавувањето почнува на 7 април, а во пријавата треба да оставите лични податоци и да напишете како ќе се подготвите за патувањето, како и да одговорите на прашања поврзани со европската култура. Пријавувањето се прави овде.

Може да патувате сами или во група, а во тој случај само еден претставник ја пополнува пријавата. За возврат, од вас ќе биде побарано да напишете за своите искуства за време на патувањето и да споделувате содржина на социјалните мрежи. Повеќе детали за програмата може да најдете овде.

Извор: Studentski
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот