X
 04.10.2019 Наука

Научниците создале капа што го поттикнува растот на косата кај мажите

Инженерот Ксудонг Ванг и неговите колеги создале капа што со електрични импулси го поттикнува растот на косата.

Научниците се надеваат дека капата со вградена лепенка што сама произведува електрична енергија успешно ќе се бори против ќелавоста. Тестирањето на овој уред почнало со ќелавиот татко на еден од истражувачите. Уредот се покажал како ефикасен, oдносно му помогнал да си ја врати косата во рок од еден месец.

И другите експерименти врз стаорци дале ефективни резултати, ако не и подобри од лековите што се користат против опаѓање на косата. Особено затоа што не биле забележани несакани ефекти.

Капата работи така што лепенката со ширина од 1 мм испраќа електрични импулси на скалпот кога се активира со движење и така стимулира производство на природни хемикалии за раст на косата во кожата.

Истражувачите од Универзитетот во Висконсин тврдат дека електричните импулси се нежни и не се непријатни.

kapa
Фото: Daily Mail


Инженерот Ксудонг Ванг и неговите колеги создале лепенка со електричен третман што го проучувале и користеле со години. Исто така, Ванг ја тестирал лепенката на својот татко, кој бил ќелав веќе неколку години.

- Тоа му помогна да му пораснат нови влакна по само еден месец третман - рече тој.

Малите движења на главата за време на вообичаените активности се доволни за да го започнете уредот. Лепенката, изработена од флексибилно парче пластика, вибрира со електрична енергија кога ќе почувствува движење на телото.

Во експериментот лепенката била прицврстена на грбот на глувците, кои биле избричени во лабораторијата. Влакната им растеле побрзо отколку на другите делови на кожата на кои научниците применувале стандардни третмани против ќелавоста.

Кај глувците што немале коса како резултат на генски недостаток, лепенката предизвикала раст на влакното од 2 милиметри. Исто така, густината на влакното била трипати поголема на подрачјата третирани со лепенката.

Истражувачите потоа ја испитале кожата на глувците под микроскоп за да испитаат кои се биолошките механизми што го поттикнуваат растот на косата. Тие откриле дека ослободувањето на природните хемикалии го поттикнува растот на косата.

Сепак, нема многу надеж за оние што се ќелави со години бидејќи лепенката функционира само кај мажи што неодамна ја изгубиле косата. Тоа е така затоа што уредот ги активира заспаните фоликули наместо да создава нови.

Ванг смета дека носењето капа неколку часа дневно треба да биде доволно за постигнување резултати, но таа нема да успее додека лицето спие.

Губењето на косата влијае врз околу 25 отсто од мажите до навршена 25-годишна возраст.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука