X
 25.09.2023 Наука

Парче од астероид стар 4,5 милијарди години пристигна на Земјата

Парче од астероид пристигна на Земјата, што претставува голем успех за мисијата „Осирис-Рекс“ на НАСА.

Леталото поминало години летајќи до астероидот Бену, собирајќи парче од него и носејќи го на Земјата за да може да го проучуваат истражувачите. Со тоа заврши мисијата која траеше седум години, а вклучуваше патување од 6 милијарди километри и чинеше повеќе од милијарда долари.

Научниците се надеваат дека проучувањето на материјалот може да помогне да се открие како се формирале и еволуирале планетите, па дури и може да фрли светлина на тоа како започнал самиот живот. Бидејќи Бену е стар околу 4,5 милијарди години, примерокот е како научниците да гледаат во раните години во Сончевиот Систем. Токму затоа НАСА го нарече временска капсула.

Освен тоа, НАСА смета дека Бену е најопасниот астероид според скалата што се користи за мерење на тоа колкава опасност претставува даден објект.

Ова е најголемото парче што било собрано, со тежина од околу 250 грама.

НАСА испрати тим да го собере примерокот од местото на слетување и да го стави во канистер, внимавајќи да не се загади од околината. Бидејќи примерокот е добиен директно од астероид, тој нема да содржи никаква трага од материјал од нашата планета, за разлика од парчињата што паѓаат на Земјата.

- Осирис-Рекс помина повеќе од две години проучувајќи го астероидот Бену, наоѓајќи докази за органски и минерали хемиски изменети од водата. Овие се клучни состојки за разбирање на формирањето на планетите, па затоа сме среќни што сме меѓу првите истражувачи кои ги проучувале примероците вратени од Бену - вели Ешли Кинг, соработник во Природонаучниот музеј.

- Сметаме дека примероците од Бену би можеле да бидат слични во составот на неодамнешниот метеоритот Винчкомб, но во голема мера незагадени од копнената средина - додаде Кинг.

Извор: Independent.co.uk
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука