X
 04.10.2024 Образование

Доделени признанијата на најдобрите наставници

По повод Светскиот ден на учителот, денеска беа доделени признанија на најдобрите наставници во предучилишното, основното и средното образование во претходната учебна година, во организација на Сојузот на просветни работници.

Признанијата во предучилишно образование ги добија Роза Костеска од детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид и Татјана Михајловска од детската градина „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје. 

Најдобри одделенски наставници се Станче Штерјовска од ОУ „Крсте Мисирков“ во Куманово и Виолета Петковска од ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид. 

Во предметната настава, признанието го добија наставничката по музичко образование Ана Цунева од ООМУ „Боро Џони“ во Струмица и наставничката по биологија Олгица Бајалџиева од ОУ „Петар Поп Арсов“ во Скопје. 

Најдобар наставник во средно образование е Наташа Божиновска од СЕТУГС „Михајло Пупин“ во Скопје, додека пак, најдобри наставници од заедниците се прогласени Хатиџе Топали од ОУ „Петар Здравковски – Пенко“ и Валентина Каранфиловиќ од СОУ „Гоце Делчев“ во Куманово.

Честитајќи им на наградените, министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека учителите, наставниците, професорите се оние на кои им ги доверуваме нашите најмили за да ги научат да бидат добри, чесни и вредни, да им ги отворат вратите на знаењата и науката и да ги подготват за времето што доаѓа.

-Дозволете да ве потсетам дека нашите ученици на ПИСА и другите меѓународни тестирања не постигнуваат резултати какви што сакаме да бидат и тоа мора да го поправиме. Затоа правиме суштински промени - го продолжуваме престојот на учениците во училиште, ги менуваме наставните програми, а во центарот на овие активности се наставниците. За да може да образуваат кадри кои утре ќе го носат развојот на оваа држава, наставниците мора да бидат стручни и платени - истакна Јаневска.

Фото: МОН

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование