X
 04.10.2026 Живот

Јутјубер направи роботска косилка инспирирана од дизајнот на „голф 2“

Германски јутјубер го претвори легендарниот дизајн на „голф“ од втората генерација во напредна автономна косилка која го воодушеви и „Фолксваген“

Воден од страста кон „голф 2“ на неговиот татко, германскиот јутубер Нилс од каналот „Проџект хантер“ одлучи да изгради автономна роботска косилка од нула. Својата креација ја облече во препознатливото руво на класичниот спортски компакт од осумдесеттите години, создавајќи уред кој привлекува погледи, но и беспрекорно си ја врши работата на тревникот.

Оваа единствена конструкција е обвиена во каросериски панели изработени со помош на 3Д-печатач, кои совршено го имитираат дизајнот на втората генерација на „голф“. Според наводите од порталот „Карскупс“, за изработка на целата каросерија биле потребни повеќе од сто часа активно печатење, а резултатот е навистина импресивен.

Под оваа препознатлива надворешност инспирирана од моделот ГТИ се крие цврста алуминиумска рамка и целата потребна опрема за косење трева и откривање пречки. Хаубата се отвора и овозможува едноставен пристап до механизмот за косење. За придвижување на сечилото, Нилс искористил мотор без четкички каков што инаку се користи за дронови. Тој придвижува навојна шипка низ двојни лежишта за да го напојува дискот за сечење на кој може да му се приспособува висината. Иако механизмот за сечење сам по себе одлично си ја врши работата, најинтересниот дел од целиот проект е всушност напредната автономна функција.



Роботската косилка е опремена со четири ултразвучни сензори и контактни прекинувачи на браниците. Тие додатоци ѝ овозможуваат рано откривање пречки и спречување какви било оштетувања при работата. Системот поседува и вграден сензор за струја кој детектира електрични скокови и по потреба активира итно исклучување. Она што воодушевува е грижата за малите животни. Благодарение на термалната камера спарена со ЛЕД-матрица, косилката може навреме да открие мали животни како ежови и да ги активира кочниците пред да им нанесе каква било штета.

Со ова несекојдневно возило на три тркала може да се управува далечински преку посебна апликација за паметни телефони. Апликацијата нуди пренос во живо на сликата од камерата, контроли на брзината, следење на состојбата на батеријата и прекинувачи за светлосните тела и сирената. Создавачот на проектот откри дека и покрај првичните софтверски грешки, неговиот мал ГТИ веќе забележал повеќе од 70 часа работа, притоа покривајќи 60 километри автономно одржување на тревникот.

Извор: autonet
Фото: принтскрин/јутјуб

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот