„Фолксваген голф“ има репутација на еден од најиздржливите автомобили на пазарот, а еден јутјубер реши да провери колку далеку оди таа репутација.
Креаторот на автомобилскиот канал Ретали8 го подложи „голфот“ на неверојатен тест на издржливост во траење од 24 часа. Автомобилот помина низ девет сè побрутални предизвици, а заврши речиси целосно уништен — и на крајот беше понуден за продажба на британската платформа „Вибајаникар“.
Како што пишува француски „Ауто плус“, „голф“ издржа многу повеќе отколку што би се очекувало.
Го преврте, го фрли од камион и го влечеше наспроти поголемо возило
Првиот тест изгледаше безопасно — паркирање со помош на задни сензори. Заврши со удар во паркиран „форд фокус“. Потоа работите станаа посериозни. Ретали8 се обиде да го вози „голфот“ на два тркала, но автомобилот се преврте. И покрај тоа, моторот продолжи да работи и возилото остана во возна состојба.
Следуваше лансирање на автомобилот од камион во движење. Каросеријата претрпе голема штета, но повторно продолжи да вози. Потоа помина низ возење со голема брзина по трева и тест на влечење наспроти значително поголем камион „мицубиши“. „Голфот“ и понатаму беше функционален.
Скршени стакла, уништена внатрешност, но „голфот“ сè уште вози
Следните предизвици беа насочени кон внатрешноста и отпорноста на материјалите. Кабината беше намерно тешко оштетена, беа скршени стаклата, а автомобилот потоа беше испратен во салон за автоматско миење возила. Водата влезе во внатрешноста и дополнително ја уништи веќе оштетената кабина, но „голфот“ и понатаму можеше да се движи на сопствен погон. Автомобилот успешно совлада и многу стрмна угорница.
Дури деветтиот тест конечно го запре
Последниот предизвик беше голем скок преку рампа. По приземјувањето, „голфот“ конечно престана да работи. Моторот се блокира и автомобилот повеќе не можеше да го продолжи возењето. Со други зборови, преживеа превртување, скок од камион, возење по трева, тест на влечење, уништување на внатрешноста, миење без стакла и стрмна угорница пред дефинитивно да се предаде.
Се обидоа да го продадат
Тука приказната доби уште еден интересен пресврт. „Голфот“ беше однесен на процена кај британската компанија „Вибајаникар,“ која откупува и оштетени и неисправни автомобили. Автомобилот повеќе не беше во возна состојба, стаклата беа скршени, внатрешноста уништена, каросеријата тешко деформирана, а моторот блокиран.
И покрај сè, „Вибајаникар“ реши да го купи. Понудата изнесуваше — 100 фунти, односно приближно 117 евра.
Така, по еден од најбизарните тестови на издржливост на „Јутјуб“, „голфот“ сепак имаше барем симболична вредност.
Секако, ваквиот тест нема никаква врска со реалните услови на користење на автомобилот и не е нешто што кој било производител би можел да го очекува од своите возила. Но, фактот што „голфот“ возеше сè до последниот од деветте екстремни предизвици е потврда за тоа колку може да издржи автомобилот пред конечниот крај.
Фото: принтскрин/јутјуб