X
 04.11.2020 Образование

Цела Европа е затворена, но училиштата остануваат отворени

Баровите, рестораните, театрите, салите за концерти, салите за вежбање и салоните за тетовирање во Германија се затворени за да се спречи нагло зголемување на случаите на Ковид-19. Франција и Ирска исто така затворија голем дел од продавниците. Но, во овие земји учениците и наставниците и понатаму се во училниците.

Европа во голема мера се ослободи од стравот на родителите и наставниците во врска со повторното отворање на училиштата. Учењето на далечина или хибридниот систем на комбинација физичко присуство и онлајн-учење не се нуди во повеќето европски земји.

Наместо тоа, лидерите на земјите од Европа во голема мера го усвоија советот на експертите кои тврдат дека образовните и социјалните придобивки од задржување на децата во училиштата се поголеми од јавните здравствени ризици.

- Не можеме и нема да дозволиме иднината на нашите деца и млади луѓе да биде уште една жртва на оваа болест. Тие имаат потреба од нивното образование - изјави ирскиот премиер Микел Мартин.

Канцеларката Ангела Меркел наведе дека затворањето на училиштата во март и април придонесе за драматични социјални последици..

- Да кажам јасно: насилните напади врз жените и децата драматично се зголемија - изјави германската канцеларка.

kovid
Фото: Freepik

Децата опфаќаат помалку од 5 отсто од сите случаи на Ковид-19 во 27 земји од Европската Унија и Велика Британија, се вели во истражувањето на Европскиот центар за контрола и превенција на болести. Агенцијата откри дека затворањето на училиштата веројатно нема да обезбеди дополнителна заштита на здравјето на децата.

Секако дека ризикот од држење на училиштата отворени не е нула, како што покажа искуството на Израел. Но, земјите во Европа се обидуваат да ги ублажат опасностите со задолжително носење маски, физичко дистанцирање и во некои случаи често проветрување на училниците за подобра вентилација. Секако, сè уште постои можност за затворање на училиштата: ако стапката на инфекција во германскиот регион се зголеми на повеќе од 50 случаи на 100.000 луѓе, владата ќе препорача училиштата да преминат на мешано или онлајн-учење.

- Велиме да, држете ги училиштата отворени и продолжете да ги следите правилата. Но, немојте да ги држите училиштата отворени по секоја цена - вели Хајнц-Питер Мејдингер, претседател на Германското здружение на наставници.

Извор: New York Times
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование