X
 23.04.2019 Економија

Колкав дел од Европа е во рацете на Кинезите?

Кинеските инвестиции во земјите-членки на Европската Унија нагло се зголемиле во изминатите десет години.

Европската комисија неодамна ги нарече Кинезите - системски ривал и стратешки конкурент.

ЕУ воведе и нов механизам на надзор над странските инвестиции за да може да оцени дали странските инвестиции можат да им нанесат штета на членките.

Според извештајот на ЕК, една третина од вкупниот имот на ЕУ е во рацете на странските компании, а 9,5 отсто од компаниите во Европа имаат сопственик со седиште во Кина, Хонгконг или Макао.

Во споредба со 2007 година, кога тој процент бил 2,5, станува збор за значителен раст, иако во кинески раце сè уште е мал дел од европскиот бизнис.

Кон крајот на 2016 година Американците и Канаѓаните контролирале 29 отсто од компаниите во ЕУ.

Кинеските вложувања во Европа го достигнале врвот во 2016 година, кога вкупната вредност изнесувала 37,2 милијарди евра. Потоа следува забавување.

- Тоа главно е резултат на построгите контроли над капиталот кој доаѓа од Кина, но и промените во глобалната политичка атмосфера, кога се во прашање инвестициите на Кинезите - вели Агата Кратц од „Родиум груп“.

Од 2000 до 2018 година Кинезите најмногу вложиле во најголемите европски економии, како Обединетото Кралство, Германија, Италија и Франција. Во првите десет се и Холандија, Финска, Шведска, Португалија, Шпанија и Ирска.


Фото: BBC

Според минатогодишните анализи, Кинезите во свои раце држат или, пак, имаат сопственички удел во четири европски аеродроми, шест пристаништа и 13 фудбалски клубови.

Кинезите спроведуваат нова голема програма - „Патот на свилата“, позната и како иницијатива „Еден појас, еден пат“ во чиј состав Кинезите планираат големи инвестиции во европската инфраструктура за да се зајакнат трговските врски меѓу Кина и Европа. На тој пат се најдоа речиси сите републики на поранешна Југославија.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија