X
 19.07.2024 Живот

Колку е жешко во Грција, Шпанија, Португалија, Франција и другите делови на Европа?

Додека Обединетото Кралство минува низ прилично влажно и благо лето, температурите се многу над просекот во некои од најпопуларните дестинации за одмор во Европа, достигнувајќи до 40 степени.

Многу туристи наскоро ќе се упатат кон градовите и крајбрежјето низ Европа кои ќе се чувствуваат потопло отколку што обично би се чувствувале. Делови од Грција ќе се соочат со температури од 40 степени, додека едно популарно туристичко место во Египет очекува температура повеќе од 10 степени над нејзиниот дневен максимален просек.

Во меѓувреме, европскиот систем за рано предупредување „Метео аларм“ издаде ретки црвени предупредувања за висока температура низ Јужна Италија, целото хрватско крајбрежје и големи делови на Балканот.

Еве какви температури да очекувате низ познатите европски дестинации за одмор.

Франција


Со почетокот на Олимпијадата следниот петок, некои туристи можеби ќе се упатат кон Париз. Треба да знаат дека во Париз сонцето ќе биде силно, а температурата ќе достигне 34 Целзиусови степени в петок и сабота - многу над 24,6 Целзиусови степени од јулскиот максимален дневен просек.

Париз ќе залади од недела и температурата ќе се спушти на 26 степени, но на југ во Ница ќе остане топло каде што се прогнозира дека наредната недела ќе биде 32 степени. Според британската метеоролошка канцеларија, просечната дневна максимална температура во Ница за овој период од годината е 27,4 Целзиусови степени.

Шпанија


Вообичаените шпански островски дестинации се малку потопли од просекот, при што Тенерифе ќе се пече на 32 Целзиусови степени в четврток, 34 степени в петок и в сабота и 32 Целзиусови степени в недела и понеделник.

Се чини дека најинтензивните горештини се резервирани за шпанското копно, со прогнозите за Севилја дека ќе доживее високи 41 степен в петок, 39 степени в сабота и 40 степени повторно следниот вторник.

Дури и за еден од најжешките градови во Европа, тоа е неколку степени над регистрираната дневна просечна максимална температура.

Во Малага температурата ќе биде 34 степени в четврток, в петок 38 степени, а в сабота и недела 41 степен.

dubrovnik
Фото: Freepik

Хрватска

Предупредувањето за жештини го опфаќа целото крајбрежје во Хрватска. Дубровник, на пример, може да достигне 36 степени, но викендот, помеѓу сабота и понеделник, температурата ќе биде од 32 до 34 степени.

Италија


Како што веќе беше споменато, постои предупредување за многу топло време во Јужна Италија.

Од четврток до сабота, на Сицилија се прогнозираат максимални температури од 36 степени и 37 степени, додека в недела се очекуваат 38 степени. Но, може да се чувствува многу потопло. Во Палермо, на пример, британската „Метс офис“ предупредува дека температурата може да се чувствува до 44 степени. Тоа е така затоа што влажноста може да направи луѓето да чувствуваат поголема топлина од забележаната температура на воздухот.

Рим е особено жежок во последно време, а според британската метеоролошка канцеларија, се очекуваат 38 степени в четврток, а 37 степени в сабота.

Грција

На Крит метеоролозите предвидуваат максимални температури од 34 степени в четврток и петок, пред постепено да се искачат до 36 степени в недела. На Крф е уште потопло, со максимални температури од 40 степени в петок и 39 степени в сабота. Просечниот дневен максимум таму е 32 степени.

Во Атина од четврток до сабота ќе биде 38 степени, а до вторник температурата ќе биде до 35 степени.

Кипар


На Кипар во јуни беа забележани рекордно високи температури. Високите температури не попуштаат и овој период со максимални 39 степени во Ларанка в четврток и петок и 38 степени во наредните три дена.

Португалија

Лисабон ќе биде особено топол деновиве, со температура од 33 степени, но малку ќе олади в сабота кога ќе биде 27 степени, пред повторно да затопли до 33 степени.

Извор: News.sky.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот