X
 04.11.2021 Живот

Зошто Швајцарија е рај за иселениците?

Резултатите од истражувањето на банкарската групација ХСБЦ на повеќе од 20.000 емигранти од 46 земји покажаа дека Швајцарија трета година по ред е најомилено место за живеење и работа.

Околу 93 отсто од испитаниците изјавиле дека нивниот квалитет на живот значително се подобрил откако се преселиле во Швајцарија и ја рангирале меѓу првите три земји за живеење, заедно со Австралија и Нов Зеланд.

Онор Џексон, 29-годишна асистентка на докторски студии на Универзитетот во Нојшател, истакнува дека швајцарскиот воздух е многу почист во споредба со оној во главниот град на Велика Британија, Лондон, од каде што се преселила во 2018 година со партнерот Алекс и 2-годишниот син.

Таа заработува околу 70.000 швајцарски франци (76.303 долари) годишно. Во 2020 година кантонот Женева воведе минимална плата од 23 швајцарски франци на час, што е највисокиот минималец во светот.

Џексон и нејзиниот партнер плаќаат околу 1.100 швајцарски франци месечно кирија за трособен стан во Нојшател. Според швајцарското федерално биро за статистика, просечната кирија во 2019 година во Швајцарија изнесувала 1.362 швајцарски франци месечно.

Жителите на Швајцарија не плаќаат национален данок на осигурување како што е случајот во Велика Британија, а другите даноци се релативно ниски, додека, според Џексон, трошоците за здравствена заштита се доста високи. Податоците на швајцарскиот федерален завод за статистика покажаа дека во 2019 година за здравствена заштита биле потрошени 800 швајцарски франци по лице.

Џексон истакнува дека квалитетот на здравствената заштита во Швајцарија е неверојатен, но дека цената е висока за Британците кои се научени на јавно здравствени финансирани установи.

Паули Тибо, 39-годишна професорка по англиски јазик, се преселила во Швајцарија од Велика Британија во 2006 година. Мислела да остане една година, но откако се вработила и го запознала момчето, кое денес ѝ е сопруг, го продолжила престојот.

svajcarija
Фото: Freepik

На Тибо ѝ се допаѓа бавното темпо на живот.

- Во недела сè е затворено. Во недела не можете да правите ништо освен да одите на базен или во кино - тоа ве тера малку поразлично да ги поставите приоритетите - вели Тибо.

Тибо месечно заработува од 2.500 до 3.000 швајцарски франци. Вели дека храната е скапа, особено месото, но го истакнува нејзиниот квалитет и фактот дека најголем дел се произведува во Швајцарија.

Желба ѝ е да се врати во Велика Британија и да ѝ купи на својата ќерка куќа бидејќи во Швајцарија тоа не е економски исплатливо. Но, всушност, Швајцарија има ниска стапка на сопственост на куќи од околу 36 отсто. За споредба, според податоците на британската Влада објавени во 2020 година, 63 отсто од Англичаните поседувале свој дом.

34-годишниот Американец Сем Буржоа е предавач на Универзитетот во Лозана и заработува околу 3.000 швајцарски франци месечно. Тој живее во Биел со сопругата Кетрин и синот, откако се преселил од Тексас во 2013 година.

Според него, една од предностите на Швајцарија е фактот што таа е стабилна, особено во политичка смисла.

- Убаво е што работите функционираат во институциите и можете да сметате на нив - вели тој.

Сепак, правилата може да бидат малку полабави.

- Кога одам на планинарење, ако одлучам да одам настрана од патеката, постојано слушам: „Не смееш да одиш настрана од патеката“ - објаснува Буржоа и вели дека му недостига дел од таа американска неограниченост.

И за него здравствениот систем во Швајцарија е голема предност во однос на САД, каде што здравствената заштита е врзана со работното место.

- Познавам многу луѓе во Америка кои остануваат во одредена компанија токму поради здравствената заштита, иако се несреќни на тоа работно место - вели тој.

Неодамна тој аплицирал и за швајцарско државјанство.

- Единствената причина зошто би се вратил во САД е ако некој ми понуди еднаков начин на живот, ако не и подобар, што веројатно нема да се случи - вели тој.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот