X
 14.02.2020 Образование

Воислав Глигоровски од Белград истовремено завршил два факултета со вкупно 87 десетки

Еден од најдобрите српски студенти на сите времиња подготвува докторат во Лозана, Швајцарија. 24-годишниот Воислав Глигоровски од Белград успеал да постигне нешто што никој во Србија досега не го направил.

Тој истовремено дипломирал и на Електротехничкиот и на Биолошкиот факултет во Белград со беспрекорен резултат. Сите 87 испити на двата факултета ги положил со десетки.

Несекојдневниот талент на идниот научник го препознале на швајцарскиот универзитет ЕПФЛ во Лозана, каде што е примен на докторски студии преку ред, без магистерски. А ова чудесно момче најмногу од сѐ сака еден ден да отвори научноистражувачки центар во Србија.

На Воислав отсекогаш му одело учењето. Завршил математичка гимназија и освоил повеќе од 50 награди на општински, регионални и републички натпревари по физика, хемија, биологија, математика, па дури и историја.

На 17 години станал најмладиот член на „Менса“. Течно зборува англиски, шпански и француски, а разбира и руски. На математичката гимназија најмногу ѝ е благодарен за знаењето кое го стекнал, што му го олеснило студирањето на ЕТФ, а поради сестраноста, решил да се запише и на Биолошкиот факултет. Сакал да види дали може да ги заврши двата факултета истовремено, а сè завршило со признанија за најдобар студент од двете институции.

- Сѐ е избор на приоритети и добра организација. Во математичката гимназија, пред сѐ, стекнав добра основа, работни навики и пристап до проблемите со став дека ниедна пречка не е несовладлива. Покрај тоа, имавме одлични професори, не само по стручните предмети математика, физика и информатика, туку и по споредните, како биологија и хемија - раскажува Глигоровски.

Фото: Vecenje novosti

По завршувањето на гимназијата можел да избира каде ќе се запише, му се отвориле и вратите на познатата Сорбона, но одлучил да остане во Белград и вели дека не се покајал.

- Бев пресреќен кога се запишав на тогашниот факултет „Пјер и Марија Кири“, Сорбона, но поради превисоките трошоци за живот, немав можност да одам таму. Останав во Србија и поради неодлучност, пробав да студирам два факултета. А знаењето стекнато на Белградскиот универзитет ми отвори можност за понатамошни студии на Кембриџ, Оксфорд и ЕТХ во Цирих, каде што студирал и Алберт Ајнштајн - вели Воислав.

Тој на крајот ја избрал Швајцарија и од 2018 година е на факултет во Лозана, каде што директно се запишал на докторски студии. Моментално е втора година на програмата квантитативна и компјутерска биологија, со поле на истражување: системска биологија и биофизика.

По завршувањето на докторските студии Воислав планира да се врати во Србија. Би сакал да остане во науката и да продолжи да се занимава со истражувања, пред сè, во полето на системската биологија и биофизика.

Автор: Бојана Царановиќ
Извор: Vecernje novosti
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование