Швајцарските гласачи в недела излегуваат на два референдуми со кои сакаат да го заштитат квалитетот на својата храна и земјоделството, а истиот ден тие ќе одлучуваат и за правниот статус на велосипедските патеки.
Швајцарија е главно урбано општество, но земјоделството е важен дел од нејзиниот културен идентитет, кој, според многумина, е загрозен од увозот на евтина храна која ги нарушува високите швајцарски стандарди.
Поради тоа, Швајцарците в недела ќе гласаат на двата референдума за иднината на прехранбената индустрија. Референдумите се закажани откако нивните поддржувачи собраа повеќе од 100 илјади потписи, колку што се предвидени со Законот за непосредна демократија.
Првиот референдум е познат како Иницијатива за праведна прехрана и со него се повикува сојузната влада да промовира еколошко и праведно производство на храна, кое ја зема предвид и благосостојбата на животните. Се предлага воведување на подетално означување на производите и усвојување мерки против фрлање на храната.
Вториот референдум е за „суверенитетот на храната“ и со него се бара порадикално преструктурирање на земјоделскиот сектор, со поголем фокус на малите и семејни економии. Се предлага забрана за генската технологија, мерки за зголемување на бројот на вработени во земјоделството, одредување праведни цени за сите производи и поголеми даноци на увезената храна.
Првиот референдум е промовиран од страна на швајцарската Зелена партија, а вториот од швајцарскиот земјоделски синдикат Унитере.
Противниците, меѓу кои е и швајцарската влада, веруваат дека усвојувањето на двете барања ќе доведе до зголемување на бирократијата и цените и ќе ја внесе Швајцарија во конфликт со постојните меѓународни трговски договори.
Според анкетите, резултатите ќе бидат неизвесни.
Швајцарците в недела ќе гласаат и на референдум што го распиша владата за да ја потврди својата одлука од март велосипедските патеки правно да се изедначат со пешачките и планинските патеки.
Имено,
Швајцарците пред четириесет години во Уставот внеле одредба за задолжително одржување и изградба на пешачки и планински патеки, а денес истата сакаат да ја прошират и во однос на велосипедските патеки.