X
 04.11.2024 Култура

Почина писателката Оливера Николова

На 88-годишна возраст почина Оливера Николова, една од најголемите писателки во Македонија.

Оливера Николова е родена на 11 март 1936 година во Скопје. Дипломирала на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија работејќи како уредник и драматург. Таа е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.

Николова зад себе остави незаборавни дела. Таа е автор на најомилената детска книга на сите Македонци, „Зоки-Поки“, како и на пиесата за деца „Чук, чук, Стојанче“, романот „Девојките на Марко“, како и на многу други дела.

За своето творештво Николова добила многубројни награди. Така, за „Земја во која никогаш не се стигнува“ во 1966 година ја добила наградата на РТВ Скопје и СВП. Во 1975 година повторно ја добила истата награда, овој пат за делото „Пријателите Бон и Бона“. Во 1977 година по третпат ја добила таа награда за делото „Мојот звук“, кое се закитило и со наградата „Младо покољење“ за 1978 година. Исто така, таа е добитник на „Змаевата награда“ за 1983 година за посебни достигнувања во современиот израз на литературата за деца.

Во октомври 2012 година за романот „Куќичка“ таа била номинирана како македонски претставник за наградата „Балканика“.

Во декември 2013 година, Оливера Николова го одбележа јубилејот 50 години од литературното творештво, исто колку и познатиот лик од нејзините раскази за деца, Зоки Поки. По тој повод, издавачката куќа „Детска радост“ објавила избор од творештвото на Николова во три тома насловени како: „Ти чука ли срцето за мене?“, „Ми чука ли срцето за тебе?“ и „Ни чукаат ли срцата за нас?“ За своето книжевно дело, Николова ги освоила наградите „Стале Попов“, „Рациново признание“, како и „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Во февруари 2016 година, за романот „Кадифената покривка“ (издание на „Матица македонска), Николова ја добила наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2015 година. Истовремено, романот „Куќичка“ бил објавен на српски јазик, во издание на „Арка“ од Смедерево.

Годинава на Николова ѝ беше доделен Орден за заслуги за Македонија.

Фото: Facebook (screenshot)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура