X
 05.01.2019 Култура

Серија за љубовен триаголник кој довел до најлудото бегство од затвор

Серијата „Бегството во Данемора“ во режија на Бен Стилер е заснована на вистинска приказна за бегство од затвор во американската сојузна држава Њујорк во 2015 година, кое предизвика масовна потера за двајца осудени убијци. Во бегството им помогнала омажена работничка од затворот со која двајцата имале сексуални односи.

Бенисио дел Торо и Пол Дејно ги глумат затворениците Ричард Мет и Дејвид Свет, а работничката ја глуми феноменалната Патриша Аркет, за која ова најверојатно е најдобрата животна улога. За успешноста на нејзиното трансформирање во запуштената, исфрустрирана и страшна Тили Мичел говори и фактот дека вистинската Тили Мичел реагираше бурно по серијата.

Вистинската Тили Мичел
Фото: Noizz

По гледањето на серијата се добива впечаток дека Патриша многу внимателно работела на ликот на сопруга и мајка која ја надгледува кројачницата и се впушта во сексуална врска со двајцата, за на крајот да се согласи да им помогне да избегаат. Сличноста на вистинската Тили со оваа од серијата е неверојатна.

Од друга страна, режијата на Бен Стилер можеби не е генијална, но секако е целосна спротивност од она што публиката би го очекувала од некој кој изградил кариера на евтин и предвидлив хумор. Мрачна атмосфера, забавени кадри и јака доза на реализам е она што ја прави оваа серија поразлична од она на што сте навикнати.

Тили моментално навистина е во затвор и ја отслужува својата 7-годишна казна поради помагање во бегство.

-Стилер е кучкин син како и остатокот од светот. Нему не му е гајле за вистината, само му е важно преку мене да заработи милиони. Тој е идиот - истакна таа неодамна.

На Тили најмногу ѝ пречеле сцените со сексуалните односи, за кои вели дека не се случиле иако на обвинителот му открила дека Мет ја приморал на однос и дека на Свет му испраќала фотографии на кои е гола.

И којзнае зошто, по нејзините обвиненија се огласи и Бен Стилер.

-Тоа не е документарен филм. Моравме да направиме сцени кои се базирани на она во што верувавме дека е вистина - рече тој.

Продукцијата истражувала многу долго време пред да започне снимањето.

-Многу разговаравме со луѓе кои биле во кројачницата, како и со инспекторот. Имавме многу информации од полициските извештаи, интервјуа и потоа ја составивме нашата приказна. Мислиме дека реално го прикажува она што се случило. Таа може да се обиде да го негира тоа, но реалноста е дека ја исфрлиле од кројачницата поради недолично однесување, бидејќи одела во споредната просторија со Дејвид Свет - објасни Стилер.

Бегството на двајцата затвореници ја чинеше државата Њујорк 23 милиони долари, а потрагата по нив траеше 23 дена, по што се фатени и убиени со огнено оружје.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура