X
 09.02.2022 Забава

Улогата за која Бен Афлек се надеваше на „Оскар“, а доби номинација за „Златна малина“

„Златна малина“ е награда која наводно треба да ја забавува публиката неколку дена пред „Оскарите“. Ги истакнува лошите улоги и филмови од претходната година кои би сакале да ги заборавиме. Но, во сета таа палета на разни глупости се случува и да бидат „наградени“ филмови и улоги што навистина не заслужуваат.

Еден од најдобрите минатогодишни филмови дефинитивно е „Последниот дуел“ (англ. Last Duel). Прашајте секој што барем малку повеќе знае за филмовите и ќе ви го каже истото. Приказната е за предавството, злоупотребата, доброто и лошото и границите меѓу двете. #Metoo филм од средниот век кој одлично кореспондира со денешното време. Ридли Скот во своите 80-ти направи ново ремек-дело, со четири прекрасни актери. Џоди Комер, која ја знаеме од „Убивањето на Ева“, а по неа Мет Дејмон, Адам Драјвер и Бен Афлек.

Додека овие тројца имаат малку покласични улоги, Бен Афлек е малку изместен од централната атмосфера, како негативец, но со речиси комична улога и руса перика. Многумина се прашуваа дали Афлек би можел да биде номиниран за „Оскар“, но силната конкуренција веројатно ќе го заобиколи и оваа година. Сепак, тој доби номинација за нешто што е спротивно на „Оскар“, односно за „Златна малина“.

Да, ликот на Афлек е лигав тип кој си гледа само за себе, но Афлек толку пати има глумено ваков лик што магистрирал за него, а филмот „Последниот дуел“ требаше да биде неговиот победнички круг. Сепак, средновековната тема, со прилично грубо раскажана приказна, ќе пропадне на киноблагајните и да нема коронавирус, а дури во последните неколку недели се појавуваат коментари од луѓе што сега го откриваат и ја разбираат неговата големина. Така, речиси е сигурно дека овој филм ќе има свој „втор живот“ во годините што доаѓаат. Но, лошата реклама, чудната перика, акцентот и однесувањето на ликот ги натераа членовите на жирито на „Златна малина“ да го прогласат за лош и да го стават во конкуренција на Мел Гибсон, кој стандардно не го сакаат поради антисемитизмот, Џаред Лето, кој е вистинска пародија во „Гучи“, и Ник Канон, поранешниот сопруг на Мараја Кери.



Жирито на „Златна малина“ честопати умее да промаши и да ја изнервира публиката. Често се случува некои класични филмски легенди да добијат номинации покрај класичните холивудски акциони хитови, кои секогаш имаат лоши критики. Така, Дени де Вито доби награда за улогата на Пингвинот во второто продолжение на Бетмен или култниот филм „Мајка“ освои номинации, и тоа со одлична актерска екипа како Дарен Арнофски, Џенифер Лоренс и Хавиер Бардем. Сепак, најголемиот срам се случи кога Стенли Кјубрик беше номиниран за „Малина“ за филмот „Сјаење“, филм што подоцна беше препознат како еден од најголемите хорори на сите времиња.

Што се однесува до овогодишните номинации, во преден план е мјузиклот за принцезата Дијана, како и филмовите „Бесконечно“, „Вселенска кошарка 2“, „Карен“ и „Жената на прозорецот“.

Организаторите сметаат дека Брус Вилис оваа година треба да има сопствена категорија наречена „Најлошите перформанси од Брус Вилис во 2021 година“, со оглед на тоа што тој се појави во 8 лоши филма со многу низок буџет.

Извор: Noizz.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава