Со одлична музика, суптилна фотографија што буди спомени, дијалози што и денес се цитираат и спектакуларна актерска екипа, филмот „Кум“ се смета за еден од најдобрите филмови на сите времиња.
Обвинет за величење на криминалот и мафијата уште пред да биде објавен, според мислењето на многумина, филмот стана суштински гангстерски филм. Но, не и според мислењето на неговиот режисер.
- Отсекогаш сметав дека филмот „Кум“ е поповрзан со моќта и моќните семејства, наследувањето на моќта и макијавелистичкиот начин на кој вистинската моќ функционира во светот отколку со гангстерите - изјави Френсис Форд Копола за Би-би-си во 1991 година.
Копола имал само 29 години кога добил понуда да ја режира адаптацијата на бестселерот на Марио Пузо од 1969 година.
Станува збор за роман за измисленото њујоршко мафијашко семејство во периодот по Втората светска војна, предводено од Дон Вито Корлеоне (кумот од насловот на книгата) и неговите напори да обезбеди опстанок во бруталниот и дволичен свет на организираниот криминал.
Кога Дон е предаден, неговиот најмлад син Мајкл, кој се надеваше на живот надвор од мафијата, е вовлечен во семејниот бизнис бидејќи избива војна помеѓу различни криминални семејства кои се борат за контрола на подземјето.
На Копола на почеток не му се допаднала книгата. Не бил многу заинтересиран за мафијата, а кога првпат ја прочитал, одбивни му биле некои од вулгарните делови.
- За мене на почетокот, како и за секој што ќе ја прочита „Кум“, има многу вулгарни делови кои секако не завршија во филмот и не ми се допаднаа поради тие причини - изјави Копола.
Но, бидејќи има италијанско-американско потекло, како и авторот на книгата, Пуза, тој знаел многу работи за културата, традициите и семејните ритуали застапени во приказната.
Кога повторно ја прочитал книгата, сфатил дека во неа има многу повеќе од вообичаениот криминалистички петпарачки роман за криминал, секс и одмазда. Приказната содржела теми кои биле од класична природа, како што се моќниот татко и семејните врски, синот кој копнее да избега од сопствената судбина, традиционалните вредности кои се судираат со променливото општество, честа и предавството и како моќта ги расипува луѓето што ја поседуваат.
Токму затоа тој и Пузо ги одбрале овие теми додека заедно работеле на сценариото. Копола вели дека во срцето на филмот се крие анализа на динамиката на моќта, корумпираното влијание на моќните семејства и коментар за дејствата на САД во светската политика.
Дејството во првиот дел „Кум“, кој се протега од 40-тите до 50-тите години, се совпаѓа со ерата во која САД се издигнуваат од пепелта на Втората светска војна и стануваат доминантна сила на глобалната сцена.
Корлеоне, семејство врзано не само со крв, туку и со имигрантско потекло, ја претставува Америка која е и изолирана и немилосрдна во употребата на сила и влијание за свои интереси.
Во филмот, Дон Корлеоне (Марлон Брандо), во зависност од ситуацијата, ќе преговара, ќе поткупува, ќе заплашува или ќе прибегне кон брутално насилство за да се осигури дека се зачувани интересите и моќта на неговото семејство.
Слично на тоа, САД, соочени со она што го гледале како закана од Советскиот Сојуз, биле обвинети за користење тајни операции или поткуп за да ги дестабилизираат ривалските земји, да формираат сојузи со други нации, да им ветуваат своја заштита и да водат посреднички војни во други земји со цел да се осигурат дека преовладуваат интересите на САД.
Фото: Screenshot/YouTube
Мајкл (Ал Пачино) ја прави оваа паралела кога ѝ кажува на својата девојка Кеј Адамс (Дајан Китон) дека ќе работи за нејзиниот татко.
- Мојот татко не се разликува од кој било друг моќен човек, кој е одговорен за другите луѓе, како сенатор или претседател - вели тој.
- Знаеш ли колку наивно звучиш? Сенаторите и претседателите не организираат убиства на други луѓе - вели Кеј, на што Мајкл, како вистински реалист, ѝ вели: -Тогаш кој е наивен, Кеј?
Дон Корлеоне, кој избега од Европа откако членовите на неговото семејство беа убиени, како и многу имигранти, е вкоренет во традициите на културата од која доаѓа, додека неговиот син Мајкл, кој е пораснат во САД, е повеќе асимилиран во променливиот поствоен свет.
Како добар студент кој се враќа од војната, Мајкл првично изгледа идеалист и се чини дека јасно гледа што прави неговото семејство и како тој се разликува од нив.
- Ми се чинеше дека Мајкл Корлеоне во првиот „Кум“, како и Америка, навистина започна со некои идеали, нов начин на размислување, иако дојде од Европа, бидејќи Америка навистина е родена во Европа - изјави Копола во 1991 година.
Вито Корлеоне и Мајкл не се само криминалци, туку моќни луѓе кои разбираат дека е неопходно влијанието исто како и насилството за да се манипулираат и контролираат работите во нивна полза.
Како што тече филмот, Мајкл полека ја презема улогата на неговиот татко.
Почнува да владее преку принуда, уцена или насилство. Сепак, тој сака да живее под плаштот на почит, што често се гледа преку неговите односи со Католичката црква, компаниите или политичарите, за да обезбеди маска на легитимитет за неговото однесување.
- Како што Мајкл старее, може да се види во вториот дел, исто како Америка, почна да ја користи моќта за свои цели и почна да става фасада на лицемерието, а тоа го правеше секојпат кога ќе речеше: „Ова го правам за семејството, го правам за добри работи“ - вели Копола во интервјуто.
По објавувањето, „Кум“ постигна голем успех кај критичарите и публиката.
Доби три „Оскари“, вклучително и за најдобар филм и најдобро адаптирано сценарио, а неговиот успех го поттикна објавувањето на еднакво признатото продолжение две години подоцна, „Кум 2“, кое освои уште шест „Оскари“.
Како и да го гледате, филмот е приказна за моќта, како да ја добиете, како да ја задржите и како потрагата по неа неизбежно доаѓа со висока цена што треба да ја платите со вашиот живот и животите на вашите најблиски.
Копола го пишуваше сценариото во време кога САД станаа суперсила, и тој сметаше дека земјата сè повеќе го оправдува користењето на какви било средства за да ги обликува глобалните околности во нејзина корист.
Се чини дека Копола нуди остро предупредување - исто како што постапките на Мајкл ја корумпираат личноста за која некогаш верувал дека е и имаат ужасна цена за оние што ги сака и сака да ги заштити, ваквото однесување се однесува на САД.
Извор:
ВВС
Фото: Screenshot/YouTube