X
 05.02.2024 Наша тема

„Тука не е важно чиј си, од каде си и на која партија ѝ припаѓаш“, вели Љупка Вртева од Струмица, која беше прогласена за инженерка на годината во Словенија

„Патот на успехот го започна на шестгодишна возраст со желба кога ќе порасне да биде балерина, но никој од нас не знаеше дека има и план Б“, напиша на социјалните медиуми мајката на Љупка Вртева од Струмица, која месецов бешe прогласена за инженерка на годината во Словенија.

Вртева, која во моментов работи како раководител на проект за развој на соларна централа во енергетската компанија „Петрол“, е магистер по машинско инженерство и развоен инженер од областа на греење, вентилација и ладење на згради.

Љупка пораснала во фамилија на музичари и економисти и сакала да биде поразлична - како дете била многу креативна, но сакала нејзината имагинација да ја претвори во нешто видливо.

- Растев во семејство полно со уметност, музика и претприемништво. Меѓутоа, јас сакав да бидам поразлична. Како дете, бев многу креативна и создавав бидејќи сакав таа моја имагинација да ја претворам во нешто што ќе можам да го допрам или да го видам со свои очи. Според мене, токму таа детска имагинација ме наведе на патот на инженерството. Се сеќавам, во основно училиште, мојата одделенска наставничка Гонца Поп-Пецева, со сета своја трпеливост и љубов кон нас децата, неуморно го развиваше тој наш креативен дух. Мислам дека тој креативен дух од тие детски денови успешно го негувам и развивам до ден-денес. Всушност, креативноста и иновативноста се фундаментот на инженерството. Инженерството е секојдневие. Инженерството е начин на живеење – истакна Вртева.



Додипломските и магистерските студии ги завршила на Машинскиот факултет во Љубљана и во 2019 година ја завршила меѓународната едукативна програма „EUREM Energy Manager“ на Институтот „Јожеф Стефан“. Ја избрала Словенија поради желбата за правдина во училишниот систем, бидејќи спротивното го почувствувала на своја кожа во Струмица.

- Словенија беше држава која со задоволство ги прифаќаше странските студенти што навистина беа заинтересирани да стекнат знаење. Речиси на сите факултети студиите беа бесплатни, за секој што правовремено ги извршуваше своите студиски обврски. Ме прашувате зошто се одлучив да заминам од Македонија? Всушност, станува збор за една моја животна приказна. Во трета година, во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица, самоиницијативно одлучив да полагам комисиски испит по предметот физика бидејќи не бев задоволна од начинот на оценување од страна на професорката. Односно, бев жедна за правдина. Речиси една година се случуваа повеќе непријатни отколку пријатни ситуации, но бев доследна на мојата жед за правдина. Врз основа на сите овие настани во средното училиште, функционирањето на образовниот и општествениот систем во тоа време предизвикаа да размислувам да одам надвор од Македонија. Секојдневно кај мене зрееше желбата да продолжам со студиите надвор од Македонија. По завршувањето на четвртата година, се спакував и заминав за Словенија – открива Љупка.



Таа најпрвин развила компјутерска програма за механичка вентилација на згради, а сега дизајнира нови ефикасни енергетски системи.

- За време на магистерските студии развив компјутерска програма за предвидување на топлината за догревање на воздухот при механичко вентилирање на објекти. Истата компјутерска програма е единствена на пазарот и е јавно достапна. Изработена е во „Ексел“ за да може секој да ја користи, а не само инженери. Програмата е јавно достапна бидејќи сметам дека ако сакаме да го промениме светот на подобро, потребно е да се здружиме и да го споделиме знаењето. Оваа година ќе започнам со надградување на програмата, така што ќе земам предвид и дополнителни и поразлични системи за механичко вентилирање и ќе ја приспособам програмата на новите надградени законодавства во рамките на ЕУ - открива Вртева.

Таа се вработила како развоен инженер во „Петрол“ и вели дека имала среќа што се вклучила во исклучително професионален тим на инженери во кој била почитувана и колегите го ценеле нејзиното знаење.

- Толку добро ме прифатија во тимот, што често се случуваше да кажат: „Момци, така ќе направиме!“ Тоа за мене беше само уште една потврда дека сум прифатена од нив и покрај фактот дека сум инженерка. Сум имала ситуација каде што сум чувствувала дека гледаат кон мене со недоверба бидејќи не сум инженер, туку инженерка. Секако, на крај делата зборуваат за професионалецот – потенцира Љупка.



Таа сака да им го доближи своето знаење на луѓето, да им даде можност да се едуцираат и да разберат што всушност значи енергијата. Кај нас оваа област воопшто не е развиена иако имаме градежна експанзија.

- Многу малку ја цениме енергијата, независно од тоа дали е електрична или топлинска. Потребно е многу да се едуцираме на тоа поле за да можеме да разбереме како да ја искористиме произведената енергија на поефикасен начин. Кога ќе го научиме тоа, можеме да размислуваме за различни ефикасни системи и нивна имплементација. Јас настапувам како развоен инженер, сакам со моите знаења и способности да помогнам во димензионирање поефикасни системи за потребите на греење, вентилација и ладење на објекти – објасни таа.

Признанието што го доби, според неа, е конкретен доказ дека во Словенија не е важно од каде доаѓаш, чиј си или на која партија ѝ припаѓаш. Вели дека во Словенија се ценат знаењето и посветеноста кон работата и дека таа земја знае како да го препознае потенцијалот и непрекинато инвестира во студентите, односно знае како да ги задржи талентите и да ги награди. Тоа, за жал, Вртева не го доживеа во Македонија и сѐ уште го чувствува горчливиот вкус од времето кога бараше правда во образовниот систем.

- Мојата желба за личен раст и развој во Македонија престана истиот ден кога Наставничкиот совет во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица ме одби и не ми дозволи да полагам комисиски испит по предметот физика, иако како ученичка имав право да се пријавам самоиницијативно и да го одбранам моето знаење пред комисија. Постапката за добивање право за полагање комисиски испит беше рамна на бој. На едната страна - 17-годишна средношколка која бараше правда, а на другата страна - цел еден систем. Борбата беше тешка и долга. И тогаш и денес тврдам дека знаењето се заслужува. Знаењето не се купува. Знаењето ги победи сите пречки, но ми остана тој горчлив вкус од тие времиња во Македонија – одговори Љупка на прашањето што би ја мотивирало да се врати и да работи во својата земја.



Љупка не запира тука и ѝ претстои динамичен период на професионален план, каде што мора да го оправда престижното признание „Инженерка на годината“.

- Во тек е активно учење и студирање на градиво кое е потребно во процесот за стекнување државна лиценца со назив машински проектант. Исто така, сакам да ја освежам мојата компјутерска програма за потребите на механичката вентилација на објекти, која сè уште е единствена програма од таков вид на пазарот. Треба да мотивирам што е можно повеќе млади девојки и општо млади луѓе, да им покажам дека инженерската професија е мисија која ги поврзува најдлабоките чувства кај сите луѓе и им нуди можност секој ден да го следат својот внатрешен компас – заклучи Вртева, која и покрај јазичната бариера, успеа да се надмине себеси и да докаже дека знаењето ги надминува сите пречки.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема