Дуа Липа со нејзиниот татко
Иако денес нејзините песни бројат и до милијарда прегледи на „Јутјуб“, Дуа Липа не успеала да ја помине аудицијата за училишниот хор. Таа не можела доволно високо да пее според училишните критериуми. Но тоа не ја спречило денес да стане позната пејачка.
Иако многумина мислат дека нејзината слава се случила преку ноќ, Дуа Липа две години се борела за да го постигне сегашниот успех. Но, се чини дека соништата на младата косовска пејачка се реализираат.
Заминување од Косово
И навистина, изминатите години беа магични за Дуа Липа. Покрај концертите и наградите, таа ги освојува и првите места на топ-листите.
Желбата за јавен настап го наследила од татко си, уште додека нејзиното семејство живеело во Косово. Тој бил фронтмен на „Ода“, група што имала многу фанови. Дуа го изненадила својот татко кога првпат настапила во Приштина, во август 2016 година, и го поканила да се качи на сцената и да ја испее најпознатата песна на „Ода“, „Бесо не Диел“ (Верувај во сонцето), пред многубројната косовска публика, која ја знае песната. На прашањето што значи нејзиното име, Дуа објаснува дека на албански јазик Дуа значи љубов.
Во 90-тите години од минатиот век нејзиното семејство ја напуштило Приштина и се преселило во Лондон, каде што се родила Липа. Се вратиле во Приштина кога таа наполнила 13 години. Но две години подоцна, кога наполнила 15 години, одлучила да се врати во Лондон и да се обиде да го реализира својот сон за пејачка кариера.
Со родителите
„Моите родители веруваа дека ќе успеам, порано или подоцна. Отсекогаш ме поддржувале и за тоа сум им бескрајно благодарна. Затоа се обидувам да им возвратам колку што можам. Секогаш сме во контакт“, вели Липа и продолжува: „Кога бев во основно училиште, сите ми зборуваа дека не знам да пеам бидејќи не можев да пеам високи ноти. Тоа ме обесхрабруваше, но моите родители ме испратија во училиштето „Силвија Јанг“ каде што ме уверија дека можам и дека знам да пеам, така што за брзо време го стекнав она што е доста важно - самодовербата“.
Кога била млада, сакала да ги пее хитовите на најпознатите пејачки, а своите изведби ги снимала и ги објавувала на „Јутјуб“. Така ги стекнала првите обожаватели на кои им се допадна нејзиниот глас.
Сепак, до 2013 година нејзиниот талент не успеал да дојде до вистински израз. Тогаш се појавила во реклама за „Х-фактор“, позната ТВ-емисија што промовира нови музички таленти, особено позната во Велика Британија.
Дуа отсекогаш била девојка полна со амбиции и живот. Отсекогаш ѝ успевало да го реализира тоа што го сака и за што се грижеше. Станавме пријателки преку нашите родители. Мојот татко Петрит и таткото на Дуа, Дуги, се музичари. Двајцата го создадоа бендот „Ода“. Дуа воопшто не е променета, без оглед на тоа што денес е голема ѕвезда“, вели Нита Риза, нејзина другарка.
Успехот во кариерата на Дуа започнал кога ја објавила својата прва песна „Њу сонг“ - преку оваа песна се забележува нејзиниот уникатен стил и голем потенцијал. Нејзината песна ја пуштале многу музички канали и радиоемисии. Кога потпишала договор со „Вернер брос“, ѝ било полесно да ги пласира и да ги продава своите песни.
2017 година ја дочекала одлично. Работела на дебитантскиот албум и во тоа време објавила исклучително успешни песни. Сето ова било знак дека лесно ќе се пробие на светскиот пазар, односно Америка.
Тогаш почнала да изведува песни и во живо, на различни радио и телевизиски емисии, а на социјалните мрежи почнаа да ја следат сè повеќе фанови. Денес на „Инстаграм“ има седум милиони обожаватели. Нејзиниот албум „Дуа Липа“ официјално беше прогласен за најдобар албум, врз основа на резултатите што ги постигнал на топ-листите во Велика Британија.
„Пораснав со песните на Боб Дилан, Дејвид Боуви и Стинг. Оваа музика ја слушаше татко ми, а јас ја слушав додека одев пешки на училиште. Сакав да ги слушам и Нели Фуртадо и Пинк - тие ми беа најомилени“, вели таа.
За своите песни, вели дека се „искрени и уверливи“, а за жанрот во кој се класифицира, вели дека е „темен поп“ и смета дека со тоа се разликува од другите на музичката сцена.
„Отсекогаш ја сакав поп-музиката, но подоцна започнав да слушам и хип-хоп. На некој начин се обидов да ги измешам двата жанра и така произлезе темниот поп“, вели таа.
Нејзиниот изглед често го поврзуваат со некои од светот на модата, но кога луѓето ќе слушнат како пее, им станува јасно дека е талентирана пејачка. Сепак, и покрај тоа што музиката е најважната работа во нејзиниот живот, таа секогаш наоѓа време за своето семејство, братот и сестрата.
Дуа со својот брат и својата сестра
Често истакнува дека отсекогаш ја поддржувал татко ѝ, дури и тогаш кога одлучила сама да се врати во Лондон. „Тоа многу ми значеше. Но отсекогаш имавме доверба еден во друг и многу сме блиски. Татко ми секогаш е на моја страна“.
Косово е моја земја
„Го претставувам Косово, тоа е мојата земја, иако не сум родена таму. Доволно долго живеев во Косово, чувствувам дека Косово и Приштина се дел од мене. Горда сум на земјата од која потекнувам“, напоменува Липа.
Дуа Липа продолжува да го освојува светот.