Владата во Приштина усвои нацрт-закон со кој се забрануваат сите игри на среќа во следните десет години. Од оваа забрана е изземена само државната лотарија на Косово.
Со нацрт-законот за забрана на коцкањето се предвидува забрана за сите игри на среќа освен лотаријата, како и укинување на Законот за игри на среќа и подзаконските акти за негово спроведување.
Доколку овој нацрт-закон е усвоен во собранието, тој ќе стапи во сила 15 дена по објавувањето во Службениот весник на Косово.
Кон крајот на минатата недела, на вонредна седница на косовското собрание, со 74 гласа за беше усвоена Резолуцијата за запирање на активноста на казината и игрите на среќа. Со резолуцијата ѝ е наложено на косовската влада да започне законски процедури за прекин на активностите на сите видови игри на среќа, до измена на законот, но и даден му е мандат на Одборот за буџет и финансии да иницира процедури за составување на новиот закон, кој забранува работа на казината и објектите во кои се одржуваат игри на среќа во период од десет
години.
Седницата беше одржана на предлог на пратеникот Авдулах Хоти, а по неодамнешни убиства на две лица во казина во Липљан и во Сува Река.
Истиот ден косовската полиција во соработка со даночната администрација и царината спроведе акција на територијата на 33 града во Косово, во која се пребарани 235 коцкарници и обложувачници, од кои 35 се затворени. На вонредна конференција одржана по тој повод беше соопштено дека затворените објекти немале дозвола за работа, што било причина за спроведување на акцијата.
Истовремено, косовскиот премиер Рамуш
Харадинај рече дека властите мислеле и на околу 4.000 лица кои ќе останат без работа, како и за финансиите што влегуваат во буџетот од игрите на среќа.