X
 05.04.2019 Технологија

Внимавајте: Хакерите ги користат торентите од серијата „Игра на троновите“ за да ви ги нападнат компјутерите

Торентите за серијата „Игра на троновите“ ги користат сајбер-криминалците за да ги нападнат компјутерите на луѓето, предупредуваат експертите.

Огромната популарност на серијата се прошири низ нелегалните страници за преземање каде што корисниците можат да ги преземат епизодите доколку не се претплатени да ги гледаат. Но, истиот интерес доведе до тоа хакерите преку прикривање малициозен софтвер во внатрешноста на она што изгледа како торент да ги натераат луѓето да ги преземат.

Со враќањето на „Игра на троновите“ на екраните на 14 април голема е веројатноста корисниците да се вратат на истите веб-страници за да преземат нови епизоди, но може да бидат погодени од истиот малвер.

трон

Минатата година, кога не беа ни пуштени нови епизоди, „Игра на троновите“ имаше 17 отсто од инфицираните пиратски содржини, според истражувањето на сајбер-безбедносната компанија „Касперски“. Со тоа, ова е најпопуларната емисија што ја користат сајбер-криминалците за мамка.

Истражувањата на „Касперски“ велат дека претстојната премиера може да биде најопасен период за преземање на торентите.

- Првата и последната епизода од секоја сезона на „Игра на троновите“ што ја анализиравме се покажа дека се најопасни, со најголем број малициозни фајлови во колекцијата на „Касперски Лаб“, влијаејќи врз голем број корисници - велат од „Касперски“.

Првата епизода од серијата, наречена „Зимата доаѓа“, беше најпопуларна за сајбер-криминалците.

Најпопуларниот вид напад е тројанец, дел од софтвер што се инсталира на компјутер, а потоа му овозможува на лицето што го контролира тројанецот да преземе контрола над тој уред. Потоа може да се користи за различни сајбер-криминални активности, преку начини кои можеби нема да бидат забележани од сопственикот на компјутерот.

Но, распространетоста на малициозен софтвер поврзан со ТВ-сериите е во опаѓање. Во 2018 година вкупниот број корисници што се сретнале со малициозен софтвер бил 126.340, што е третина помалку од претходната година. Се намалил и бројот на обиди за 22 отсто, на 451.636.

„Касперски“ вели дека падот е во согласност со намалувањето на бројот на безбедносни закани преку интернет. Но, може да се поврзе и со падот на бројот на луѓе што користат торенти бидејќи се намалува интересот за оваа технологија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија