X
 05.05.2025 Технологија

Прв компјутер кој комбинира човечки неврони и силикон

Компјутерот, наречен ЦЛ1, е опишан како првиот биолошки компјутер во светот на кој може да се извршува код, а според компанијата, оваа технологија би можела значително да ги унапреди истражувањата за невролошките болести и развојот на нови лекови.

Системот ЦЛ1, споредлив по големина со кутија за чевли, содржи човечки неврони кои растат на силиконски чип, одржувани во раствор богат со хранливи материи. Оваа интеграција на биолошки и силиконски компоненти создава компјутерска архитектура што би можела да обезбеди нови сознанија за функцијата на мозокот и болестите.

Напреден систем за одржување невронски мрежи

Уредот користи софистициран систем за одржување на виталноста на човечките неврони.

- Компонентата за перфузија дејствува како систем за поддршка на животот на клетките - содржи филтрација за отпадни производи, контрола на температурата, мешање на гасови и пумпи што ја одржуваат циркулацијата - објаснил Брет Каган, главен научен директор на „Коритакл лабс“.

Според спецификациите на компанијата, ЦЛ1 работи со минимална потрошувачка на енергија од само неколку вати и може да одржува невронски компоненти до шест месеци. Интерфејсот помеѓу биолошките и силиконските елементи овозможува испраќање електрични сигнали до и од невроните, овозможувајќи им да бидат обучени за специфични однесувања - способност претходно демонстрирана кога компанијата го научила својот систем „Дип брејн“ да ја игра видеоиграта „Понг“.


Примена во медицинските истражувања

Истражувачите во „Кортикал лабс“ продолжуваат да работат на развој на систем кој прецизно може да ги реплицира различните типови клетки и функции на човечкиот мозок, користејќи минимален број клетки. И покрај овие континуирани подобрувања, алатките како ЦЛ1 веќе покажуваат потенцијал за унапредување на третманот на невролошките состојби.

- Огромното мнозинство лекови за невролошки и психијатриски заболувања што влегуваат во клинички испитувања не успеваат бидејќи има толку многу повеќе нијанси кога станува збор за мозокот – но, можете да ги видите тие нијанси кога тестирате со овие алатки - забележал Каган, истакнувајќи го потенцијалот за поефикасни процеси на развој на лекови.

Етички прашања на новата технологија

Интеграцијата на човечки неврони во компјутерските системи предизвикува дебати меѓу научниците за етичките импликации. Некои истражувачи изразиле загриженост за идниот развој на понапредна „синтетичка биолошка интелигенција“ и прашања поврзани со свеста и потенцијалното страдање.

Силвија Веласко, истражувачка на матични клетки во Детскиот истражувачки институт „Мердок“, која не била вклучена во развојот на ЦЛ1, нуди перспектива за овие загрижености.

- Во моментов мислам дека станува збор за неоснована загриженост. Мислам дека би била пропуштена можност да користиме систем кој ветува лекување на сериозни мозочни заболувања - изјавила таа за Австралиската радиодифузна корпорација, признавајќи ја важноста од процена на потенцијалните етички проблеми како што напредува технологијата.

Достапност на пазарот


Единицата ЦЛ1 е комерцијално достапна по цена од приближно 30.000 евра. Бидејќи системот бара соодветни лабораториски услови за правилно функционирање, „Кортикал лабс“ планира да понуди и опција за „клауд компјутинг“ за корисниците кои немаат пристап до својот уред, со што оваа иновативна технологија ќе биде достапна за поширок круг истражувачи и институции.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија