X
 05.06.2018 Забава

Познатата регулатива ГДПР сега и како приспивна песна

Познатиот ГДПР стапи во сила пред повеќе од една недела, а оние што своите операции морале да ги усогласат со новата регулатива за заштита на личните податоци веројатно сѐ уште не го гледаат крајот на стресниот период.

Како целосно да се придржувате кон регулативата? Дали некаде сте погрешиле? Дали добро сте го сфатиле текстот од 57.709 збора? Што ако нешто погрешно сте интерпретирале? Стрес, стрес.

pesna
Фото: Profimedia


Екипата што стои зад мобилната апликација и блог „Калм“, позната по креирање приспивни аудиопесни за возрасни, препозна неочекуван потенцијал во новата регулатива.

- Додека го прелистувавме документот долг 209 страници со 57.509 збора, решивме дека ова ќе биде совршен додаток на нашата колекција „Приспивни песни“ - пишуваат на нивниот блог.

Да, делови од „страшниот“ ГДПР станаа приказна за добра ноќ, средство за опуштање и борба против несоницата и лек за стрес предизвикан од оваа комплексна регулатива.

Нивната нова приспивна песна е наречена „Еднаш одамна, ГДПР“, а од „Калм“ ги повикуваат сите оние што имаат проблеми со спиење, без оглед дали се предизвикани од ГДПР или животот општо, да се опуштат и да потонат во сон со звукот на новата законска регулатива.

- Новите закони не се замислени да бидат возбудливи. Тоа не е нивната задача. Но ГДПР би можел да успие и бизон - вели Алекс Тју, коосновач на „Калм“.

За оваа задача го регрутирале поранешниот водител од Би-би-си, Питер Џеферсон, познат по неговото смирувачко пренесување на временската прогноза, која стана позната како неофицијална национална приспивна песна.

- Иако немаме време да го прочитаме целиот текст на ГДПР, што би траело цела ноќ, би сакал да добиете впечаток така што ќе ви прочитам извадок од 107. страница, а потоа, ако и понатаму сте будни, еден или два полесни дела што го откриваат срцето на овој документ - вели Џеферсон на почетокот на приспивната песна и додава дека идејата, освен да им помогне на луѓето при заспивање, е да придонесе за ширење на свеста за важноста на заштитата на личните податоци.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава