X
 31.05.2018 Технологија

Корисниците се подготвени да ги казнуваат компаниите што лошо ги чуваат личните податоци

ГДПР штотуку стапи во сила, а веќе почнаа да се прават истражувања за тоа како спроведувањето на овие правила за заштита на приватноста на корисниците ќе се одрази врз односот на корисниците кон компаниите.

Така, резултатите од истражувањето спроведено од „Веритас Технолоџис“, покажуваат дека корисниците имаат малку доверба во тоа дека организациите добро им ги чуваат нивните податоци. Со оглед на тоа што сѐ повеќе и повеќе компании се соочуваат со грабежи на податоци, речиси два од пет испитаници во истражувањето (38 отсто), денес веруваат дека повеќето компании не знаат како да ги заштитат податоците на своите корисници.

podatoci
Фото: iStock


Истовремено, глобалното истражување на перцепциите на приватноста меѓу корисниците за 2018 година, спроведено од „Веритас технолоџис“, покажува како корисниците планираат да преземат значајни чекори за казнување на компаниите што нивните податоци не ги чуваат на соодветен начин, додека истовремено ќе ги наградат оние што тоа го прават како што треба.

Многу компании во светот се потпираат на податоците за ефикасно насочување на продажбата на одделни производи и услуги на клиентите. Но со воведувањето строги закони за приватност на податоците што на корисниците им дава можност за контрола над нивните податоци - многу корисници внимателно следат што прават компаниите и ги сметаат одговорни за заштита на нивните лични информации.

Истражувањето порачано од „Веритас“ го спровела компанијата 3ГЕМ, а опфатило 12.500 луѓе во 14 земји. Резултатите покажале дека луѓето се стремат кон тоа да ги наградат организациите што на правилен начин ги штитат нивните лични податоци, односно да ги казнуваат оние што тоа не го прават, така што услугата или производот ќе ја купат од друго место или ќе ја нападнат репутацијата на одредена компанија.

Скоро две третини од испитаниците (62 отсто), престанале да купуваат производ или услуга од компанија, доколку истата таа компанија неуспешно ги штитела податоците на корисниците, додека половина од испитаниците (48 отсто) велат дека би престанале да бидат верни на одреден бренд или компанија и би зеле во предвид купување или услуги кај конкуренцијата.

Дури 81 отсто од испитаниците велат дека би им рекле на пријателите и членовите на семејството да бојкотираат одредена организација, а три четвртини бил ги пријавиле кај бизнис регулаторите. Две третини од испитаниците, (65 отсто)велат дека би напишале негативни коментари за компаниите со кои имале лошо искуство на социјалните мрежи или другите онлајн услуги.

Исто така, истражувањето покажува дека корисниците планираат да ги наградат компаниите што правилно им ги штителе податоците. Три од пет испитаници (59 отсто) се изјасниле дека би сакале да потрошат повеќе пари на организации што сметаат дека на вистински начин им ги чуваат податоците, а само една четвртина од испитаниците (27 отсто), се подготвени да потрошат и до 25 отсто повеќе пари за компании што заштитата на податоци ја сфаќаат сериозно.

- Довербата во компаниите е нарушена со крадењето на податоците, протекувањето на податоците и други случаи каде што компаниите покажале недостиг на разбирање за начинот на кој ги чуваат или делат информациите за корисниците - вели Тамзин Евершед, виш директор и глобален лидер во областа на приватност во Веритас.

Корисниците сакаат да видат поголема транспарентност и отчетност кај компаниите.

Расте загриженоста околу собирањето лични податоци


Бидејќи постои зголемен интерес за темата за чување и користење на лични податоци, истражувањето исто така покажа дека корисниците нема да се согласат да споделуваат специфични видови лични податоци. Тие се внимателни со кого ги споделуваат личните податоци, вклучувајќи ги приходите и хипотеките (60 отсто), локацијата (40 отсто), онлајн-навиките (40 отсто), деталите во врска со здравјето и медицинската евиденција (38 отсто), сексуалната ориентација (28 отсто) и верските убедувања (26 отсто).

Корисниците исто така стануваат повнимателни за тоа како нивните податоци се делат со компании и трети страни. Девет од десет корисници (92 отсто) велат дека се загрижени за нивото на заштита на личните податоци, додека 40 отсто од испитаниците тврдат дека немаат никаков увид во тоа како компаниите ги користат и ги споделуваат своите информации. Во исто време, 21 отсто од испитаниците се загрижени за можноста дека нивните лични податоци ќе бидат украдени.

Поради неодамнешните настани и законски измени, на корисниците им е потребно повисоко ниво на безбедност во однос на тоа како компаниите ги складираат своите податоци, како ги делат и користат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија