X
 05.06.2021 Живот

Индиски села имаат специјални колиби во кои ги изолираат жените што имаат менструација

Во сојузната индиска држава Махарастра девојките и жените се испраќаат во посебни колиби за време на менструалниот циклус.

Во цела Индија, менструалниот циклус претставува табу-тема долго време, а жените се сметаат за нечисти додека имаат менструација. Затоа, забранет им е влез во храмови, па дури и во кујните. Меѓутоа, жените во племињата Гонд и Мадија се соочуваат со екстремна изолација за време на циклусот, пренесува Би-би-си.

Според обичаите, тие поминуваат пет дена секој месец во колиби кои најчесто се наоѓаат на крајот од селото. Во овој период тие не смеат да готват или да вадат вода од селскиот бунар и зависат од водата и храната што им ја носат женските роднини. Ако маж допре жена што има менструација, тој веднаш мора да се искапе затоа што станува „нечист“.

Хуманитарната организација „Кервади“ сега ги заменува старите колиби познати како курма гар или гаокор со модерни домови во кои има кревети, внатрешни тоалети, вода и соларни панели за производство на електрична енергија. Првата модерна колиба била изградена минатата година во селото Тукум.


Модерните колиби се многу подобри од старите во кои налето е претопло и полно со комарци, а назима е премногу студено. Неодамна една 21-годишна жена починала откако била касната од змија додека била во ваква колиба.

Модерните колиби чинат околу 8.900 долари и се градат за 2,5 месеца. Организацијата досега отворила четири вакви колиби и планира да отвори уште шест месецов.

Дилип Барсагаде, претседател на локална организација, пред неколку години открил дека посетил 223 колиби низ Индија и 98% од нив биле нечисти и небезбедни. Тој навел најмалку 21 жена што починале додека биле во колибите од причини што можеле да бидат спречени. Меѓу другото, една жена била нападната од мечка, а една починала од висока температура.

Жените велат дека се плашат да не ја почитуваат оваа традиција, која им била оставена од боговите. Оние што не ја почитуваат традицијата се казнувани и мора да направат гозба за целото село со месо и алкохол или да платат парична казна.

Извор: BBC
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот