- Не мислам дека околностите треба да ве скршат - треба да растете и да ги следите вашите соништа на секој можен начин - вели 24-годишната Содаба, која го користи само своето име од безбедносни причини.
Талибанците ја презедоа власта во Авганистан во 2021 година и брзо почнаа да воведуваат низа ограничувања за жените: им беше забрането да посетуваат паркови или фитнес-сали, да јадат во ресторани и да работат, освен во многу мал број професии. Но, една од најсуровите беше забраната за образование надвор од основно училиште.
Содаба одлучила да не се откажува, се вклучила на интернет и нашла бесплатен курс за програмирање и развој на веб-страници што го води Муртаза Џафари, 25-годишен Авганистанец кој сега живее во Грција. Како тинејџер, тој избегал од својата земја со гумен чамец. По пристигнувањето во грчки дом за бегалци во Атина, Џафари првпат седнал на компјутер. Не знаел како да го вклучи уредот, не зборувал англиски, а во исто време учел грчки. Но, за неколку месеци успеал да заврши курс за кодирање и му се отворил нов свет.
Денес, тој ја води платформата „Афган Гикс“, преку која 28 авганистански жени учат кодирање, креирање веб-страници и чет-ботови на три нивоа (почетно, средно и напредно). Најуспешните добиваат онлајн работа, па дури и соработуваат со „Афган Гикс“ на меѓународни проекти.
- Главната цел беше да ѝ го дадам на заедницата, особено на жените во Авганистан, она што го добив бесплатно. Знаењето се шири. Ако го споделите, расте - истакнал Џафари.
Неговите клиенти доаѓаат од Авганистан, САД, Велика Британија и Европа. Но, тој комуницира со студентите - чии лица никогаш не ги видел - со претпазливост и почит.
- Никогаш не ги замолив да ја вклучат камерата. Ја почитувам нивната култура и нивниот избор - вели тој.

Илјадници студенти, без плата и без ресурси
Џафари не е единствениот што верува во моќта на онлајн образованието. Зухал, 20-годишна Авганистанка чие универзитетско образование било запрено поради забраната, го основала Универзитетот „Вижн онлајн“, виртуелна академија која обединува повеќе од 150 наставници и над 4.000 студенти од целиот Авганистан.
Сите тие работат на волонтерска основа, без плата, без надворешно финансирање и често со ограничен пристап до интернет.
- Кога стапи во сила забраната за образование, бев целосно скршена. Немаше училишта, немаше универзитети, немаше курсеви. Но, сфатив дека депресијата не е решението. Морав да направам нешто за себе и за другите девојки - вели Зухал.
Денес, таа студира компјутерски науки на „Универзити оф д Пипл“, онлајн универзитет во САД. Таа сè уште се бори со трошоците за интернет и техничките ограничувања, но не се откажува.
- Имам цел - да ги поддржам девојките. Ако престанам, илјадници од нив повторно ќе паднат во очај - додала таа.
Академијата нуди низа предмети - од психологија, странски јазици и јавно говорење до школа за медицински сестри, курански студии и ИТ. Значи, во земја каде што на жените повеќе не им е дозволено да работат, да излегуваат без машка придружба и им е забрането да ги покажуваат своите лица или да зборуваат јавно, онлајн просторот стана последен бастион на слободата и знаењето.
Извор: tportal.hr
Фото: Freepik/YouTube screenshot